Вистината за предлог-законот за родова еднаквост, како што изјави денеска министерката за труд и социјална политика, е дека со него се унапредува положбата на жените во сите сфери на општествениот живот. Проблемот со погрешното толкување на интенциите на предлог-законското решение, според министерката, настанал со неговото спојување со предлог-законот за матична евиденција, кој е посебен закон и, како што потсети, е повлечен од собраниска процедура заради „проширување на консултативниот процес“
Единствената област кон која е фокусиран предлог-законот за родова еднаквост, против кој денеска попладне ќе се протестира на собирот организиран од Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска е унапредувањето на положбата на жените во сите сфери на општественото живеење.
Тоа, како што изјави денеска Тренчевска, е вистината за законот за родова еднаквост. Со него, како што кажа министерката, не се опфатени прашањата како што се менување на полот или истополовите бракови, на што во своите настапи сугерираат претставниците на МПЦ-ОА.
„Вистината за законот за родова еднаквост е дека тој третира еднакви можности на жените и мажите, функционалност на механизмите за унапредување на родовата еднаквост кои веќе постојат и се воспоставени и на ниво единиците на локалната самоуправа и во органите на државната управа и во одредени државни агенции и во Собранието. Вистината за Законот за родова еднаквост е дека ја унапредува положбата на жените во сите сфери на општественото. Вистината за Законот за родова еднаквост е дека со него ниту се третира менувањето на полот, ниту се третираат истополовите бракови, туку единствена област на која фокусиран е подобрувањето на положбата на жените и еднаквите можности на мажите и жените“,
рече Тренчевска одговарајќи на новинарски прашања пред настанот за промоција на Индексот на родова еднаквост во Северна Македонија за 2022 година.
Проблемот со погрешното толкување на интенциите на предлог-законското решение, според министерката, настанал со неговото спојување со предлог-законот за матична евиденција, кој, како што потсети е повлечен од собраниска процедура заради „проширување на консултативниот процес“.
„Треба да нагласиме дека станува збор за два различни закони кои третираат различна проблематика. Законот за измени и дополнувања на Законот за матична евиденција во март 2022 Владата на седница донесе одлука да се повлече од собраниска процедура за да се прошири консултативниот процес и да се изнајде решение кое ќе одговара на сите засегнати чинители во општеството. Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет, односно можноста на лице што е трансродово да може да ја смени дознаката во матичниот број, онаму каде што се обележува полот, односно родот – женски или машки. Законот за родова еднаквост не е исто што и законот за матична евиденција, затоа треба да ги одвоиме кога зборуваме за овие два закони. Законот за родова еднаквост реков дека се фокусира единствено на унапредување на положбата на жените во општеството и создавање на еднакви можности на жените и мажите. Овозможување на жените на еднаков пристап до сите ресурси во општеството, до сите добра и услуги и еднаков бенефит на жените од тие услуги. Воспоставување на еднаквост, создавање на видливост на жените во општеството е единствената намера на креаторите на Законот за родова еднаквост, односно на работната група и на Министерството за труд и социјална политика“,
изјави Тренчевска.
На прашање дали Владата и Министерството за труд и социјална политика, кое е предлагач на измените на законот за родова еднаквост, ќе подлегнат на притисокот на црквата, Тренчевски вели дека досега биле направени 18 дебати за законот и оти тој е сè уште во процес на консултации и не е ниту во владина, ниту во собраниска процедура.
„Продолжува широкиот консултативен процес за да ги слушнеме сите заинтересирани чинители и да дојдеме до решение кое ќе одговара на целото општество. Јас знам дека Законот за родова еднаквост допира до чувствата на многу граѓани, но Законот за родова еднаквост овозможува жените да бидат третирани на ист начин и да ги имаат истите права како и мажите…да воспоставуваме услуги со кои ќе ги штитиме и ќе ги заштитиме и ќе работиме со жртвите на насилство кои во најголем број, односно над 90 отсто се жените и девојчињата“,
аргументираше министерката за труд и социјална политика.
Признавањето на правата на една група, не значи губење на правата на друга група, посочи министерката.
„Не губиме ништо од она што ние во моментот го имаме како право. Признавањето на правото на одредена заедница не значи дека останатите губат некакви права, напротив, тоа покажува дека државата има демократски капацитет и дека се грижи за сите граѓани и за сите заедници во општеството, за признавањее на правата на сите граѓани во општеството. Ако признаеме право на трансродово лице, не губат останатите граѓани ништо туку придонесуваме трансродовото лице да добие заштита и да добие можност да си ги реализира своите права. Ако дадеме со Законот за еднакви можности за жените да ги остваруваат во потполност своите права не губи никој, напротив добива целото општество“,
рече Тренчевска.
Прашана за коментар во врска со вечерашниот протест организиран од МПЦ-ОА, министерката за труд и социјална политика изјави дека станува збор за легитимно право, но, додаде оти легитимно право е да се каже вистината за двата закони.
„Како борец за човекови права апсолутно не можам да кажам дека протест не смее да се одржува, протестот е легитимно право на секој, меѓутоа легитимно право е и да биде кажана вистината за двата закони. Вистината и за дефинициите, вистината и за механизмите, а протест може и по Устав и по закон да организира секој еден во државата“,
рече Тренчевска.
Министерката се осврна и на Индексот за родова еднаквост за 2022 година со кој се мери колку жените и мажите имаат еднаков пристап до одредени добри услуги и еднакви права.
За среќа вториот индекс, рече Тренчевска покажува дека имаме одредено подобрување во однос на родовата еднаквост во државата.
„Тоа е благодарение на сите политики кои ги имплементираме како Влада и како институции во рамки на неа, но покажува дека треба да се работи уште многу на креирање на нови политики за да може тоа подобрување да биде поголемо и да може да кажеме дека и во државата подеднакво се почитуваат правата и на жените и на мажите. Многу е важно како алатка родовиот индекс со сите свои резултати да ни послужи понатаму во креирање на нови мерки и активности со кои ќе се унапреди родовата еднаквост. Со ова покажуваме дека и предлог-законот за родова еднаквост всушност е закон кој ќе придонесе следниот индекс кој ќе го работиме да покажеме дека како држава сме направиле многу поголем исчекор во однос на положбата на жените во општеството“,
рече Тренчевска.
За Македонската православна црква – Охридска архиепископија предлог-законите за родова еднаковост и за матична евиденција се сериозна закана за општеството, поради што под мотото „Имаме должност“, црквата денеска излегува на најавениот сенароден собир, кој е закажан за 18 часот пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Најавувајќи го собирот, епископот Јаков Стобиски, кој деновиве се најде во фокусот на јавноста со неговите изјави за трансродовите лица и ЛГБТИ-популацијата, на прес-конференција изјави дека протестот не е насочен против припадниците на ЛГБТИ-заедницата, туку исклучиво против содржината на двата закони чие усвојување, како што вели, сериозно би ги загрозило правата на 99 отсто од населението во земјава.
Во пресрет на денешниот собир, епископот Дремвитски Давид синоќа на својот блог напиша дека е свесен за фактот оти државата е секуларна и дека црквата нема право да донесува закони во Собранието, но за разлика од државата, како што кажа, црквата има свои внатрешни правила.
Затоа, вели епископот, ќе треба внимателно да се запишат имињата на пратениците кои евентуално би ги поддржале предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција, а потоа, како што додава, доколку посака, црквата може да одлучи на тие пратеници да бидат лишени од крштевки, венчавки, погреби и сите други богослужби.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација, пак, го осудија повикот за протест на МПЦ-ОА, чија единствена цел, како што велат, е да се направи јавен притисок кон повлекување на двата предлог-закона, оценувајќи го како директен упад во секуларноста на државата и непочитување на Уставот, а пред сѐ на жените во земјава и непрепознавање на нивните реални животни ситуации.