Тренчевска најави дека во септември ќе има ново зголемување на пензиите, кога најниската ќе изнесува 13 200 денари и додаде дека мора да се води грижа за стабилноста на фондот за да не се дојде во ситуација да не може да се исплатат пензиите

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска вели дека Владата работи на системски, а не на популистички решенија за зголемување на пензиите.
Оваа влада, како што вели Тренчевска, има направено многу во делот на системски решенија кои ќе носат добри резултати на долг рок. Популистичките решенија даваат само моментален резултат и ги задоволуваат потребите на одредена целна група. Меѓутоа, вели Тренчевска, кога градите системски решенија тие може да ги видите и на краток, а многу повеќе бенефитот од нив се гледа на долг рок.
„Едно од првите системски решенија беше и методологијата за растот на пензиите, решение кое дава реални резултати. Во март 2022 година пензиите беа 9 000 денари, а сега најниската пензија е 12 500 денари, додека во септември најниската ќе изнесува 13 200 денари“,
истакна Тренчевска во денешното гостување во дневникот на Телевизија 24.
Министерката за време на гостувањето ги истакна преземените мерки во текот на економската и енергетската криза и посочи дека тогаш на пензионерите од најранливата категорија им беа доделени финансиски средства од 3 000 или 6 000 денари согласно поставените критериуми. Исто така, таа потсети и на социјалната реформа со која се воведе и социјалната пензија за оние лица кои ги немаат исполнето условите за пензија да можат да имаат месечен приход на своите сметки.
На прашањето дали постои реална можност за зголемување на пензиите, Тренчевска најпрво рече дека доколку изминатите години, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, се зголемувале пензиите со темпото што сега го има, денеска минималната пензија би била 20 000 денари.
„Само во 2022 и 2023 година пензиите се зголемија за 24 отсто и тоа никогаш досега не било. Ако 12 години не се креираа популистички мерки, туку се зголемуваа со ова динамика денеска ќе беше минималната пензија 20 000 денари“,
рече Тренчевска.
Во однос на линеарното зголемување на пензиите, Тренчевска рече дека ќе се разговара и за тоа прашање и дека ќе се консултираат и со Уставниот суд, со законодавно-правната комисија во Собранието дали е тоа возможно.
„Зголемување за 3 500 денари за сите пензионери е нереално барање затоа што тоа значи 220 милиони евра годишно само за линеарното зголемување“,
рече Тренчевска.
Таа најави дека во септември ќе има ново зголемување на пензиите и додаде дека мора да се води грижа за стабилноста на фондоти и да не се дојде во ситуација да не може да се исплатат пензиите.
„Ниту како човек, ниту како министерка нема да го доведам системот за пензиско и инвалидско осигурување во состојба во која не може да ги исплати пензиите на ниту еден пензионер. Во 2019 дефицитот на фондот беше 47 отсто, секоја година како Влада го намалуваме за моментално дефицитот да е една третина. Тоа се достигнува само со добри политики“,
рече Тренчевска.
Министерката Тренчевска рече и дека со политиките што сега се водат Фондот за пензиско осигурување е стабилен, но покачување на пензиите надвор од она што е предвидено, Тренчевска вели дека сигурно ќе ја доведе во прашање стабилноста на Фондот.
Министерката истакна дека оваа Влада работи транспарентно и дека на следната седница на Влада, во вторник, ќе биде формирана работна група која ќе работи на нови сет мерки кои ќе ги помогнат ранливите категории на пензионери со средства кои ќе паднат директно на централниот буџет и на системот на социјална заштита. Тренчевска потсети дополнително и на буџетски средства од централниот буџет кои се наменети покрај социјалната поддршка за капитални инвестиции каде бенефит имаат пензионерите.