Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска судијката Добрила Кацарска ја изрече првостепената пресуда за случајот „Транспортер“, кој го покрена СЈО против поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, и уште 20 лица.
Со пресудата, Талески е осуден на 8 години затвор.
Предметот се однесува на злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.
И останатите 20 обвинети со денешната пресуда се прогласени за виновни. Половина од нив добија условни, а половина затворски казни.
Меѓу десетемина кои добија затворски казни, исто како и Талески се раководител на сектор во Општина Битола во времето на мандатот на Талевски, кој доби 6 години и 6 месеци, додека останатите се управители на фирми за превоз. Затворските казни на управителите се движат од 2 години и 2 месеци до 3 години. Еден од управителите е и Џими Мицевски, кој е дел од музичката група „Молика“ – тој доби 2 години и 6 месеци затвор.
Од останатите десет лица кои добија условни казни повеќето се просветни работници кои кога биле правени договорите за превозот на учениците биле директори во битолските училишта, додека помалиот дел од условно осудените се управители во фирми. Најчестата условна казна е 2 години затвор кои нема да се извршат ако во наредните 4 години не сторат кривично дело.
Покрај затворските казни, во пресудата што ја прочита Кацарска предвидена е и конфискација на имот од фирмите во износ на направената штета или нешто повеќе од 34 милиони денари (околу 550 000 евра). Ако фирмите немаат доволно имот за конфискација, тогаш таа ќе се изврши на имотот на обвинетите управители.
Оваа пресуда е првостепена и не е правосилна бидејќи странките имаат право на жалба до второстепениот суд, во случајот Апелацискиот суд во Скопје.