Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека е имун на коронавирусот, но оваа негова објава беше означена дека ги нарушува твитер-правилата за спречување на ширењето на погрешни и евентуално опасни информации.
„Целосен и конечен заклучок од лекарите во Белата куќа вчера. Ова значи дека јас не можам да го добијам (имун сум) и не можам да го пренесам. Добро е да се знае“,
напиша Трамп.
Но, според правилата на Твитер оваа негова објава е потенцијално опасна бидејќи ги наведува луѓето на лажно информирање и потенцијално опасни информации за ковид-19.
„Овој ’твит‘ ги нарушува правилата на Твитер за ширење на погрешни и потенцијално опасни информации поврзани со ковид-19. Но, и покрај тоа, Твитер одлучи дека може да биде од јавен интерес оваа објава да остане достапна“,
пишува во забелешката од Твитер на „твитот“ на американскиот претседател.
Објавата на Трамп следува еден ден откако тој го имаше првиот јавен говор по излегувањето од болница и по изјавата не неговиот лекар Шон Конли дека тој не е ризик за ширење на вирусот ковид-19.