Лидерот на демократите во Сенатот, пак, го критикуваше исходот на гласањето и го оквалификува како „неамериканско“ и навредливо за патриотите кои ги дадоа своите животи за земјата
Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, ги навести плановите за неговата политичка иднина, откако во постапката за импичмент Сенатот го ослободи од вина за поттикнување на бунт односно за насилствата и упадот во зградата на Конгресот.
„Нашето историско, патриотско и убаво движење ’Да ја направиме Америка голема повторно‘ (Make America Great Again) само што започна. Во месеците пред мене, имам многу што да споделам со вас и со нетрпение очекувам да го продолжиме нашето неверојатно патување кон достигнување на американската величина за целиот наш народ“,
порача Трамп, кој, како што пишуваа американските медиуми изминатиот период, има намера да се кандидира и на изборите во 2024.
Од 100-члениот Сенат 57 сенатори гласаа дека тој е виновен, додека против беа 43, но тоа не беше доволно бидејќи за да се прогласи за виновен е потребно двотретинско мнозинство за кое недостигаа уште 10 гласа.
Трамп им се заблагодари и на своите адвокати за нивната работа и борба за, како што рече, правда и бранењето на вистината.
„Голема благодарност, исто така, и до сите сенатори и членови на Конгресот кои гордо застанаа да го бранат Уставот“,
рече Трамп.
Тој уште го употреби изразот „лов на вештерки“ велејќи дека ова било уште една фаза од овој лов.
„Ниту еден претседател никогаш не бил третиран вака“,
рече Трамп.
Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, пак, го критикуваше исходот на гласањето и го оквалификува како „неамериканско“. Со него, според Шумер, се навредуваат патриотите кои ги дадоа своите животи за земјата.
„Поранешниот претседател ја инспирираше, насочи и охрабри толпата насилно да спречи мирна транзиција на власта, да ја поткопа волјата на народот и незаконски да го задржи тој претседател на власт. Нема ништо понеамериканско од ова. Ништо, ништо не е понеетичко за нашата демократија, навредија генерации американски патриоти кои дадоа животи да ја одбранат нашата форма на власт“,
рече лидерот на демократите во Сенатот.