Ова е само едно од обвиненијата со кои се соочува Трамп. Пред него се судски процеси и во Њујорк, Флорида и Вашингтон, додека од друга страна тој е фаворит меѓу републиканците за претседателски кандидат за изборите в година
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се изјасни за невин во врска со обвинението дека се обидел да ги поништи изборните резултати од Џорџија во 2020 година кога беше победен од неговиот ривал, актуелниот претседател Џо Бајден.
Трамп е еден од 19-те обвинети за заговор да се поништат резултатите во оваа сојузна држава.
Тој повеќе пати досега негираше дека направил нешто нелегално обвинувајќи дека случајот е политички мотивиран и монтиран.
При денешното изведување пред судот, тој кажал дека во целост ги разбира карактерот на прекршоците и своето право да се појави на судењето.
„Разбирајќи ги своите права, со ова доброволно и слободно се одрекувам од правото да присуствувам на читање на обвинението и од правото тоа да ми биде прочитано на јавен претрес“,
пишува во судските документи за денешната изјава на Трамп.
Округот Фултон во Џорџија, каде се води судскиот процес, е единствениот во која на лицата под прогон им е дозволено да изберат дали ќе се појават пред судот кога формално ќе бидат обвинети во кривични предмети.
Трамп во моментов е фаворит меѓу републиканците за номинација за претседателски кандидат за следните избори што треба да се одржат 2024 година, а постапката во Џорџија е само за едно од обвиненијата со кои се соочува поранешниот претседател во периодот кога води кампања повторно да се врати на функцијата.
Пред него е и судење во Њујорк, кое ќе започне на 25 март следната година, во врска со исплата на пари за замолчување на една порноактерка, како и судење во Флорида, кое ќе започне на 20 мај, за незаконско чување на доверливи документи.
Има уште едно обвинение поднесено против него во Вашингтон и тоа го товари за незаконски обид да го оспори неговиот пораз на изборите во 2020 година, а датумот на судење сè уште не е одреден.