Минатиот месец Претставничкиот дом го отповика Трамп под обвинение за поттикнување бунт за време на говорот пред Белата куќа во кој тој ги повика своите приврзаници да се „борат“ против неговиот пораз на изборите
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп нема да се појави да сведочи на судењето за отповикување во Сенатот, кое започнува следната недела, изјави неговиот советник Џејсон Милер – кој го нарече процесот неуставен, пренесе Гласот на Америка (ВОА).
Демократите во Претставничкиот дом, кои ќе ја имаат улогата на обвинители во претстојното судење на Трамп во Сенатот, побараа од поранешниот американски претседател да сведочи следната недела за неговите постапки, кои сметаат дека поттикнаа стотици негови приврзаници да извршат упад во Капитол на 6 јануари, при што загинаа пет лица.
Правните советници на Трамп не беа децидни дали поранешниот претседател ќе одговори на поканата, но преку ставот дека обвинувањата против нивниот клиент се неосновани сугерираа дека тој најверојатно ќе ја игнорира.
Минатиот месец Претставничкиот дом го отповика Трамп под обвинение за поттикнување бунт за време на говорот пред Белата куќа во кој ги повика своите приврзаници да се „борат“ против неговиот пораз на изборите.
По обраќањето на Трамп, неговите приврзаници насилно упаднаа во комплексот на Капитол за да спречат потврда на победата на претседателот Џо Бајден и се судрија со полицијата, додека членовите на Конгресот беа принудени да се засолнат.
Адвокатите на Трамп оваа недела ги отфрлија обвинувањата тврдејќи дека Трамп совесно ја извршувал функцијата претседател.