„Мислам дека два или три дена, можеби петок, сабота, недела, нешто слично, можеби почетокот на следната недела, за ограничено време бидејќи не можеме да им дозволиме да имаат ново нуклеарно оружје“, кажа тој
Американскиот претседателот Доналд Трамп изјави дека е на работ да започне нови напади врз Иран откако вчера соопшти дека го одлага планираниот напад на Техеран на барање на три арапски држави во Персискиот Залив, пренесува Си-ен-ен.

„Бев еден час од одлуката, бевме подготвени да тргнеме. Тоа ќе се случуваше токму сега“,
изјави тој.
Трамп на неговата социјална мрежа Трут соушл објави дека го одложил нападот откако лидерите на Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Катар го повикаа на тоа, со надеж дека ќе ги унапреди преговорите кон дипломатско решение.
„Бев еден час далеку од донесувањето одлука. Тие слушнаа дека ја донесов одлуката и рекоа: ‘Господине, можете ли да ни дадете уште неколку дена затоа што мислиме дека се разумни’“,
напиша тој.
Тој рече дека е подготвен да почека до крајот на оваа недела за да види дали разговорите ќе напредуваат, но продолжи да предупредува дека би можел да ги продолжи борбените операции. Исто така, додаде и дека иранските лидери молат да се постигне договор, но дека ако не се постигне во наредните денови ќе следува уште еден американски удар.
„Можеби ќе мора да им зададеме уште еден голем удар. Мислам дека два или три дена, можеби петок, сабота, недела, нешто слично, можеби почетокот на следната недела, за ограничено време бидејќи не можеме да им дозволиме да имаат ново нуклеарно оружје“,
кажа американскиот претседател.
Зборувајќи за Куба, Трамп рече дека верува оти може да се постигне дипломатски договор со владата во Хавана и дека може да ѝ помогне на земјата без оглед на тоа дали таму има промена на режимот.
Претходно Трамп рече дека го одложил планираниот напад врз Иран откако Техеран испратил мировен предлог до Вашингтон и дека сега има многу добри шанси да се постигне договор со кој се ограничува нуклеарната програма на Иран.
Според иранската новинска агенција Тасним, врховната заедничка воена команда на Иран, Хатам ал-Анбија, изјавила дека вооружените сили на Иран се подготвени во случај на каков било обновен напад од САД.
