„Знам дека Тулси ќе ѝ донесе бестрашност на разузнавачката служба. Таа ќе се бори за уставните права и ќе нè направи горди“, рече Трамп за новата директорка на Националните разузнавачки служби
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја избра поранешната демократска конгресменка и негова поддржувачка, Тулси Габард, за директорка на Националните разузнавачки служби пренесува Си-ен-ен.

„Знам дека Тулси ќе ѝ донесе бестрашност на разузнавачката служба. Таа ќе се бори за уставните права и ќе не направи горди“,
рече Трамп.
Посочи дека како поранешна кандидатка за претседателка на Демократската партија, таа сега има широка поддршка од двете партии, но е горда републиканка.
Инаку, Габард му помогна на Трамп во подготовката за септемвриската дебата со потпретседателката Камала Харис.
„Ако можам да му помогнам на претседателот Трамп на кој било начин, тоа е преку споделување на искуството што го имав со Харис на дебатната сцена во 2020 година“,
рече таа во интервју.
Габард служеше во американската Национална гарда повеќе од две децении и беше распоредена во Ирак и Кувајт. Четири мандати беше демократска конгресменка и ги претставуваше Хаваите. Се кандидираше за претседател на демократските прелиминарни избори во 2020 година, пред да ја напушти партијата во 2022 година и да стане поддржувач на Трамп. Стана републиканка во 2024 година.
Како и Трамп, таа е отворен критичар на помошта за Украина, но и за американските воени интервенции во странство.
Трамп го назначи и републиканскиот конгресмен Мет Гејтс за нов министер за правда.