Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва објави дека го именувал Ричард Гренел за нов директор на Националната разузнавачка служба на САД. На својот Твитер налог Трамп, како што пишува, има задоволство да објави дека амбасадорот на САД во Германија, Ричард Гренел ќе стане прв човек на американското разузнавање.
„Тој ја претставуваше нашата земја и очекувам дека добро ќе соработуваме. Му благодарам на досегашниот директор Џо Мегваер“, се вели во објавата на претседателот Трамп.
Гренел, освен амбасадор на САД во Германија во изминатиот период беше специјален пратеник на американскиот претседател за дијалогот меѓу Приштина и Белград.
Инаку, важи за политички оперативец кој му е лојален на Трамп. Од него се очекува, иако нема никакво искуство во службата, да ги предводи разузнавачките агенции кон кои Белата куќа вообичеано е скептична.
Како куриозитет, Њујорк Тајмс наведува дека Гренел е застапник на правата на ЛГБТ заедницата и ќе биде првиот деклариран геј член на Кабинетот на Трамп.
За него се смета дека во голема мера придонесол за постигнување договор за формирање на новата косовска влада предводена од Албин Курти.
Се залагаше за укинување на таксите кои Косово ги наметна кон Србија, како исчекор кој ќе влијае врз продолжување на преговорите меѓу Приштина и Белград.
Во својот вчерашен твит, Гренел ја оцени како лажна вест информациите дека САД поддржуваат идеја за размена на територии меѓу Косово и Србија.