Специјалниот пратеник на САД за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, демантираше дека Вашингтон се согласува за размена на територии меѓу Србија и Косово.
„Лажнa вест“, пишува Гренел на својот твитер-профил, коментирајќи го текстот што вчера го објави „ЕУ опсервер“.
Одговарајќи директно на твитот на редакцијата, Гренел им порача дека никогаш не бил повикан, ниту му било пишано од нивна страна да одговара на тие прашања.
„Јас сум за она што ќе го договорат страните во дијалогот, фокусиран сум на економскиот развој, а не на политиката“, вели тој.
„ЕУ опсервер вчера објави дека специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, во интервју за порталот не ја исклучил можноста за размена на територии меѓу Србија и Косово.
Тој посочил дека ги поддржува „страните да најдат начин да се вратат на преговарачка маса, да ги отворат сите важни прашања за време на разговорите и да најдат начин за нормализирање на односите.“
„Идеално би било со заемно признание. Ние би сакале да го видиме заемното признавање на Србија и Косово како резултат на тој процес“, изјавил Палмер.
Тој не одговорил на дополнителни прашања за тоа дали ставот на САД е спротивен на позицијата на Германија дека договорот меѓу Србија и Косово за размена на територии може да го дестабилизира регионот.