Смртните случаи се случуваат во време на зголемен број заболени од мали сипаници во САД. Земјата годинава регистрирала повеќе од 2 700 случаи, со што продолжува трендот на повторно ширење на болеста, иако малите сипаници беа прогласени за елиминирани во САД во 2000 година
Во Пенсилванија годинава се потврдени 393 случаи на мали сипаници во 28 окрузи, а околу 20 отсто од заразените биле хоспитализирани
Две невакцинирани лица починаа од последици поврзани со морбили во американската сојузна држава Пенсилванија. Ова, како што пренесува Си-ен-ен, се првите вакви смртни случаи во Соединетите Американски Држави (САД) годинава и први во Пенсилванија во последните 35 години.

Здравствените власти соопштија дека двајцата биле жители на округот Ланкастер, каде што е регистриран најголемиот број случаи во актуелната епидемија. Во Пенсилванија годинава се потврдени 393 случаи на мали сипаници во 28 окрузи, а околу 20 отсто од заразените биле хоспитализирани.
Меѓу потврдените случаи нема лица кои ги примиле двете препорачани дози од ММР-вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола.
Смртните случаи се случуваат во време на зголемен број заболени од мали сипаници во САД. Земјата годинава регистрирала повеќе од 2 700 случаи, со што продолжува трендот на повторно ширење на болеста, иако малите сипаници беа прогласени за елиминирани во САД во 2000 година.
Американските здравствени власти повторно нагласуваат дека ММР-вакцината е најефикасната заштита од мали сипаници. Две дози обезбедуваат околу 97 отсто заштита од болеста.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп со извршна уредба ја критикуваше комбинираната вакцина против морбили, заушки и рубеола (МРП) и повика таа да се замени со три одделни вакцини.
Трамп изнесе тврдења за наводната опасност од комбинираната вакцина, и покрај научните докази и децениската нејзина употреба како безбедна и ефикасна заштита од овие заболувања.
Американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот со години тврди дека МРП и други вакцини се поврзани со аутизмот. Научните истражувања не потврдуваат таква поврзаност.
Гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, оцени дека изјавите и политиките на администрацијата на Трамп придонесуваат за недоверба кон вакцините.
Експерти предупредуваат дека таквата реторика може дополнително да ја поткопа довербата во вакцинацијата во време кога САД се соочуваат со повторно ширење на болеста.
