Доналд Трамп стана официјален републикански претседателски кандидат откако ги доби гласовите од доволен број делегати на Националната конвенција на Републиканците во Милвоки, Висконсин. На конвенцијата која се пренесуваше во живо, Трамп го достигна потребниот праг за номинација со гласовите од неговата родна држава Флорида.

Претходно, Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“ објави дека го именува сенаторот Џеј-Ди Венс од Охајо за свој кандидат за потпретседател.
„По долго размислување и разгледување, имајќи ги предвид огромните таленти на многу други, решив дека личноста која е најпогодна да ја преземе позицијата на потпретседател на Соединетите Американски Држави е сенаторот Џ.Д. Венс од Охајо“,
напиша Трамп.

Џ.Д. Венс важи за поранешен критичар на Трамп. Тој за време на раните фази од политичката кариера на Трамп, го сметаше за „тотална измама“, „морална катастрофа“ и „американскиот Хитлер“, пишува „Гласот на Америка“.
Светските медиуми пишуваат дека Венс подоцна го променил мислењето и бил награден за неговиот пресврт за време на неговата кандидатура за отворено место во Сенатот во 2022 година. Тој беше избран за сенатор и стана еден од најцврстите поддржувачи на агендата на поранешниот претседател „Да ја направиме Америка повторно голема“, особено за економијата, надворешната политика и имиграцијата.