Минатата недела, Трамп беше отстранет од гласачкото ливче на претседателските избори во Мејн според клаузулата за 14-ти амандман на американскиот Устав, поради неговата наводна улога во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп побара од судот во Мејн да ја поништи одлуката на државниот секретар да го отстрани од изборното ливче во државата поради неговата наводна улога во нападот на неговите поддржувачи на Капитол на 6 јануари 2021 година, пренесува Си-ен-ен.
Адвокатите на Трамп во поднесокот навеле дека државниот секретар на Мејн, Шана Белоус, била пристрасна при донесувањето на одлуката и додале дека постапката не била спроведена во согласност со законот.
Според нив, Белоус нема законско овластување да донесе одлука за дисквалификување на Доналд Трамп од претседателските избори во Мејн.
„Државниот секретар направи повеќе грешки и постапи на каприциозен и произволен начин“,
изјавија адвокатите на Трамп.
Минатата недела, Трамп беше отстранет од гласачкото ливче на претседателските избори во Мејн според клаузулата за 14-ти амандман на американскиот Устав, поради неговата наводна улога во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.
Тој амандман им забранува на оние кои учествувале во бунтот да извршуваат јавни функции.
Одлуката следи по одлуката на Врховниот суд во Колорадо во декември, која го исклучи Трамп од изборите во државата.
Трамп и неговиот тим ги отфрлаат наводите дека поранешниот претседател учествувал во бунтот и бараат од Врховниот суд на САД да донесе одлука за ова прашање.