Братучедот на премиерот потврдува дека е во Обединетите Арапски Емирати, ама на службено патување, а не во бегство, како што наведоа од ВМРО-ДПМНЕ
Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев, денеска се огласи преку фејсбук, одговарајќи на прозивките од ВМРО-ДПМНЕ за поврзаност на негови фирми со акцијата на МВР и американската ДЕА за заплена на 200 килограми марихуана.
Според него, комбето во кое се превезувала дрогата не е сопственост на фирма на Заеви, ниту, пак, некој од уапсените е вработен во која било фирма на Заеви.
Трајче Заев единствено потврдува дека е на службен пат во Обединети Арапски Емирати од 23 март, наспроти информациите што утрово ги изнесе ВМРО-ДПМНЕ дека братучедот на премиерот е во бегство во Дубаи.
„Два дена по ред следам како еден политички субјект, исклучиво заради сопствени политички цели, се обидува да го извалка моето име и името на компаниите во сопственост на Заеви. За да ѝ биде јасно на целата македонска јавност, а посебно да се знае за злонамерната цел на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ сакам да го објавам следното: Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23 март во Обединетите Арапски Емирати, со цел проширување на работата на нашите компании, отворање нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка“,
напиша Трајче Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера излегоа со обвинувања дека дрогата била запленета во бело комбе со грчки таблици, кое е е во сопственост на фирма која е партнер во битолската фирма за канабис ‘Медикал 420’. Според ВМРО-ДПМНЕ, комбето било следено од друго возило, управувано од возачот на Трајче Заев
„Дали е уапсен шоферот на Трајче Заев токму во оваа акција?“,
прашаа вчера од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија, исто така, поврзаноста на Заеви со фирмата „Медицал 420“ од Битола, ја објаснија со тоа што братучедите на премиерот Трајче и Бобан Заеви, на 20 мај 2019 година, основале фирма во Петрич, Бугарија – „Медикал 420 Бг ЛТД“.
„Дрогата доаѓала директно од фирмата ‘Медикал 420’ од Битола, фирма чија лиценца ја потпиша и одобри лично Зоран Заев како премиер, каде што при увидот според наши информации фалеле над 10 000 стебла со марихуана, односно тоа се повеќе од 200 килограми марихуана. Секое стебло мора да има свој евидентен број, а овде фалеле над 10 000 стебла. Запленетата дрога била превезувана во бело комбе со грчки таблици, на име на фирма за која јавно прашавме дали има партнерски односи со фирма на Заеви? Ова го изнесовме како информација пред неколку дена, што вчера за ова комбе со грчки таблици потврди и Јавното обвинителство во свое соопштение. Затоа, уште еднаш јавно прашуваме, дали комбето со кое е превезувана марихуаната од нарко дилерите Ушилковски и Чипсио е во сопственост на фирма партнер на Трајче и Бобан Заеви“,
изјави и денеска, на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.