Пратеникот потсети и на досегашните обиди за инсталирање на т.н. „глува соба“ во Собранието, односно просторија заштитена од било каква можност за прислушување, но, како што истакна и по четири пропаднати тендери, Законодавниот дом сè уште кубури со ваков систем за заштита
Говорејќи за самиот случај „Онишченко“, Трајанов во емисијата рече дека сите вработени во безбедносните служби, во обвинителството и во судовите треба да поминат „сито и метла“
Пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој е дел од парламентарното мнозинство вели дека не се осудува да зборува отворено во Законодавниот дом затоа што никој не гаранатира дека Собранието е заштитено од надворешни системи за прислушување.

Трајанов ваквите согледувања ги изнесе во вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма, во врска со случувањата во петокот минатата недела, кога се случи инцидент на јутјуб-каналот на Собранието, на кој „протече“ дел од излагањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност АНБ, Виктор Димовски за случајот „Онишченко“.
„Немам гаранција и нема кој да гарантира дека Парламентот е заштитен од надворешни системи за прислушување. Таква гаранција нема, а тоа треба да ни го гарантира Агенцијата за национална безбедност. Бидејќи тие се задолжени да гарантираат заштита на сите“,
рече Трајанов.
Пратеникот потсети и на досегашните обиди за инсталирање на т.н. „глува соба“ во Собранието, односно просторија заштитена од било каква можност за прислушување, но, како што истакна и по четири пропаднати тендери, Законодавниот дом сè уште кубури со ваков систем за заштита.
„Нека ја направат. Друга можност е во Агенција за национална безбедност. Инаку, немаме протокол. Еден влегува со два телефони. Првиот го остава, а другиот не го остава“,
додаде Трајанов.
Комисиската седница, на која директорот на АНБ, Виктор Димовски, во петокот реферираше за улогата на Агенцијата во случајот додавањето држајнаство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко беше прекината поради безбедносен пропуст на јутјуб-каналот на Собранието.
Имено, на јутјуб-каналот одела слика од пленарната седница, но и аудио од реферирањето на Димовски. Салата 4 каде што се одржува седницата на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР беше испразнета, а собраниските служби ги заклучија вратите.
Пред почетокот на седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, собраниското обезбедување побара од членовите на Комисијата да ги остават мобилните телефони и чантите пред салата 4 каде се одржуваше седницата која беше затворена за јавност поради класифицираните информации, кои Димовски претходно најави дека ќе бидат дел од неговото излагање.
Случајот со безбедносниот пропуст сега го истражува Секторот за компјутерски криминал на Министерството за внатрешни работи.
Говорејќи за самиот случај „Онишченко“, Трајанов во емисијата рече дека сите вработени во безбедносните служби, во обвинителството и во судовите треба да поминат „сито и метла“.
„Мислам дека има и законски недоследности околу тоа кој да ги координира, кој да ги собира информациите, како да дава насоки на државниот врв да постапува во критични ситуации“,
изјави Трајанов.
Во однос на профилот на идниот директор на АНБ, бидејќи Димовски треба да замине за амбасадор во Париз, Трајанов оцени дека директорот треба да потекнува од внатре, од службата.
„Да биде искусен чесен, докажан професионалец и да биде отпорен на политички влијанија. Ако биде таков директор, тогаш треба да бидеме сигурни дека ќе води сметка и за интегритетот и суверенитетот на државата, но и за граѓаните, чии права и слободи ќе ги штити“,
рече Трајанов.
Како што најави премиерот Димитар Ковачевски вчера процесот на селекција на нов директор на АНБ е почнат и тој треба да биде именуван во наредните 24 дена.
„Да, ќе имаме нов директор на АНБ и тоа ќе се случи би рекол во наредните 24 дена, именување на нов директор на АНБ. Треба да биде професионалец со долгогодишно искуство и ќе треба исто така да ги помине и филтрите на институциите на стратешките партнери, бидејќи да не заборавиме ние сме земја членка на НАТО, имаме Договор за стратешко партнерство со САД и изборот треба да биде усогласен со исполнување на такви критериуми“,
изјави вчера Ковачевски.