Претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 изјави дека очекува, најдоцна до петок да биде доделен мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев кој во уставниот рок од 20 дена треба да се обиде да формира влада.
Како кочничар во досегашните преговори за владина коалиција, Трајанов ја посочува ДУИ, чии претставници како што вели, преку екстремни изјави се обидуваат да ја подигнат црвената линија во преговарачкиот процес.
„Процесот доста се усложнува затоа што сите определби беа за брзи избори, бидејќи немаме функционална влада и парламент, за тие да се зафатат со тешките проблеми во здравството и економијата. ДУИ претендира да биде единствен легитимен претставник на сите Албанци, што не е така, бидејќи има и други партии, а притоа да не заборавиме дека голем број Албанци гласаа за коалицијата ‘Можеме’. Сметам дека има национализам преку одредени екстремни изјави да се подигне нивото на преговарачкиот процес, да се подигне црвената линија. ДУИ имаше добра кампања за да биде во центар на внимание со флоскулата премиер Албанец и тие инсистираат на тоа по секоја цена, што за мене лично е неприфатливо“,
изјави вечерва Трајанов чија партија е дел од коалицијата „Можеме“.