Би-би-си јавува дека има стравувања дека бројот на загинати би можел да се зголеми бидејќи уште десетина лица со тешки изгореници се пренесени во болница
Најмалку 17 ученици загинаа во пожар што вчеравечер избувнал во училиште во централна Кенија, соопштија тамошните власти, пренесуваат светските медиуми.
Причините за пожарот во основното училиште „Хилсајд Ендараша“ во округот Ниери сè уште не се познати, а во меѓувреме е започната истрага која треба да утврди што се случило.
Британскиот национален сервис, Би-би-си, јавува дека има стравувања дека бројот на загинати би можел да се зголеми бидејќи уште десетина лица со тешки изгореници се пренесени во болница.
„Изгубивме 17 ученици во инцидентот со пожарот, додека 14 се повредени. Нашиот тим во моментов е на местото на настанот“,
изјавила за Ројтерс портпаролката на кениската национална полиција, Ресила Онјанго.
Таа, во изјава за агенцијата АФП рекла дека пронајдените тела биле изгорени до непрепознатливост и додала дека тие ќе бидат подигнати веднаш што заврши увидот на местото.
Parents wait for updates at Hillside Endarasha Academy in Nyeri County where 17 children died in a night fire.https://t.co/lTqEz5CdSa pic.twitter.com/pC1N8Q0JTC
— Nation Africa (@NationAfrica) September 6, 2024
Кенискиот претседател Вилијам Руто изјави дека станува збор за голема трагедија додавајќи дека наредил целосна истрага за причините за пожарот.
„Се молиме за брзо закрепнување на преживеаните. Ги упатувам надлежните органи темелно да го истражат овој ужасен инцидент. Оние што се одговорни ќе сносат последици. Министерството за внатрешни работи во координација со Националната влада ги мобилизира сите потребни ресурси за поддршка на настраданите семејства“,
напиша Руто на социјалните мрежи.
Our thoughts are with the families of the children who have lost their lives in the fire tragedy at the Hillside Endarasha Academy in Nyeri County.
— William Samoei Ruto, PhD (@WilliamsRuto) September 6, 2024
This is devastating news.
We pray for speedy recovery to the survivors.
I instruct relevant authorities to thoroughly investigate…
Како што пишува „Гардијан“, во последните неколку години во Кенија се случија серија пожари во училишта, а за голем дел од нив истрагата покажа дека биле подметнати.
Во 2017 година девет ученици загинаа во пожар во училиште во главниот град на земјата, Најроби, за кој владата соопшти дека бил подметнат.
Во 2001 година 58 ученици загинаа во огнена стихија што зафати дом во средното училиште Кјангули надвор од Најроби, а 11 години подоцна, односно во 2012 година, осум ученици ги загубија животите во училиште во округот Хома Беј во западна Кенија.