Прашан зошто мисли дека опозицискиот СДСМ нема да ја поддржи интерпелацијата, како што најавија од партијата, министерот вели дека и нему му е нејасно, но најверојатно и ним
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека интерпелацијата поднесена за неговата работа, поднесена од страна на „Европскиот фронт“, е обичен дефокус од борбата против криминалот и корупцијата којашто, како што вели, е јасно дека се спроведува и дека ќе продолжи со уште посилен интензитет.

„Чудно е малку времето на поднесување, зошто сега кога борбата против криминалот и корупцијата е видлива за граѓаните се поднесува интерпелација од страна на само еден дел од опозицијата? Но, еве да видиме кои ќе бидат нивните аргументи, баш би сакал да ги чујам и откако ќе ги чујам да ги изнесам сите оние факти кои се на страна на вистината. Народот е тој што суди и оценува, се виде како работеа тие пред нас, а гледаат како работиме ние денес“,
изјави Тошковски во одговор на новинарски прашања по посетата на Желино.
Прашан зошто мисли дека опозицискиот СДСМ нема да ја поддржи интерпелацијата, како што најавија од партијата, министерот вели дека и нему му е нејасно, но најверојатно и ним.
„Кога сте неискрен со своите граѓани, потезите коишто ќе ги правите ќе бидат нејасни за граѓаните, но, сепак, морам да оценам дека овој потег од нивна страна е добар од аспект на тоа што конечно направија потег што е во интерес на македонските граѓани и тоа народот ќе го поздрави позитивно. Навистина ми е малку нејасно зошто и откако објавија дека нема да ја поддржат интерпелацијата катадневно бараат оставка од мене. Малку се нејасни, најверојатно прават некоја стратегија како ќе работат во интерес на граѓаните“,
додаде Тошковски.
Интерпелацијата за работата на министерот Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени и вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, поднесени од коалицијата „Европски фронт“ денеска се на дневен ред на Собранието. Покрај за нив, на денешната собраниска седница ќе се најде и интерпелацијата за пратеничката Илире Даути од „Европскиот фронт“ и претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.
Пред да биде усвоен дневниот ред со петте точки, собранискиот претседател Африм Гаши даде еден час пауза по процедуралното барање на пратеникот од Левица, Борислав Крмов.