Министерот посочи дека вчера се уапсени три лица во Прилеп кои го сквернавеле албанското национално знаме, од кои еден е малолетник, и додаде дека е уапсено и лице во Куманово што корнело национален симбол на Република Србија од почесниот конзулат
Вкупно 17 лица се уапсени од вчера до денеска по серијата инциденти што пред два дена се случија за време на прославата на Денот на албанското знаме, а поврзани со сквернавења на национални симболи. Ова денеска на прес-конференција го рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски посочувајќи дека дел од уапсените се малолетници, а лишени се од слобода во различни градови низ Македонија.

„Четворица малолетници во Скопје вчера се лишени од слобода. Двајца поврзани со кривично-правен настан каде што се кине македонското знаме, а тие помагаат на сторителот. За нив ќе следува соодветна постапка. И двајца малолетни лица, поврзани со настан во кој се симнува знамето од јарбол и се пали“,
рече Тошковски.
Посочи дека вчера се уапсени три лица во Прилеп, кои го сквернавеле албанското национално знаме, од кои еден е малолетник. Уапсено е и лице во Куманово што корнело национален симбол на Република Србија од почесниот конзулат.
„И тука станува збор за малолетник против кого ќе бидат преземени дејствија. Во текот на вчерашниот ден затворен е и настан во рамки на СВР Охрид, односно ОВР Кичево, каде што едно лице симнува македонско и албанско знаме од јарбол“,
вели тој.
Упати апел до македонските граѓани дека не дозволат вакви инциденти да ги однесат во погрешна насока.
„Упатувам апел до сите општествени чинители во државата, до секој што ѝ мисли добро на Македонија, да ги почитуваме законот, Уставот и да не дозволиме недобронамерници да ги злоупотребуваат овие млади луѓе. Од вчера до денеска уапсивме 17 лица и ќе продолжиме ако има докази за тоа. Секој што ќе се огреши ќе одговара“,
кажа Тошковски.
За тоа како ја оценува моменталната безбедносна состојба, кусо одговори дека граѓаните се апсолутно безбедни.
„МВР ги има сите потребни капацитети да одговори. Тоа го покажавме и завчера во Скопје и во Куманово, Кичево, Охрид, но и вчера повторно во Скопје. Имаме институционални капацитети. Генерална оцена е дека сме безбедни“,
вели Тошковски.
Двете најголеми политички партии од власта и опозицијата и денеска продолжија со меѓусебните обвинувања кој е виновен за инцидентите од прославата на Денот на албанското знаме.
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ инцидентите и дивеењето на неколку групи се смислено сценарио на СДСМ и ДУИ, преку манипулација, ескалација и креирање етнички тензии да се обидат да го заштитат криминално стекнатиот капитал.
Од СДСМ, пак, порачуваат дека обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ се лажни и претставуваат срамен и кукавички обид за префрлање на вината поради сопствените неуспеси.