Како дел од овие активности, министерот ги наведе минатонеделните заплени на 40 000 пиротехнички средства во полициски акции во Скопје, Валандово и Свети Николе
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека полицијата ќе ги засили активностите во пресрет на новогодишните празници, но и дека ќе се преземаат превентивни мерки и консултации со граѓаните за користењето на пиротехнички средства. Дополнително, вели тој, ќе се засили и присуството на полициски службеници во трговските центри, но и секаде каде што има зголемена фреквенција на движење. Како дел од активностите кои во моментот се преземаат, Тошковски ги наведе заплените на голем број пиротехнички средства во Скопје, Свети Николе и Валандово при што биле поднесени и соодветни пријави за оние кои го прекршиле законот.
„Присутни сме на терен, обезбедувањето комуницира со луѓето, ги следиме состојбите,.. Сите овие превентивни дејства се преземаат за што побрзо откривање каков било криминалитет, тргнувајќи од имотни деликти, разбојништва“,
кажа Тошковски.
На новинарско прашање што ќе се преземе за барањата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски кој алармираше дека група малолетни лица вандализирале јавен простор во скопската населба Капиштец, министерот вели дека МВР ќе постапува и оти ова не е ваков прв случај.
„Три вакви настани се регистрирани изминатиов период, се поставува од страна на МВР. Најголем дел од лицата се малолетници и во однос на нив се преземаат соодветни постапки. Реагираме, но се повторуваат ваквите несакани настани. Ќе сториме се за превенирање, но преземеме и репресивни мерки ако е потребно. Мора и родителите да поведат сметка“,
изјави министерот.
Градоначалникот на Центар, Герасимовски, синоќа објави видео снимка на која се забележува како група малолетни лица дивеат во доцните ноќни часови во скопската населба Капиштец. Герасимовски напиша оти веднаш ќе го пријават случајот и оти очекуваат МВР да поведе истрага.