„И покрај тоа што судот не го определил начинот на вршење надзор, од страна на СВР Скопје во повеќе наврати биле вршени проверки, при што последната проверка е извршена на 13.08.2024 година, кога лицето било на предметната адреса, за што од страна на полициските службеници е изготвен и соодветен службен материјал“, вели министерот за внатрешни работи
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски попладнево преку објава на социјалната мрежа Фејсбук реагира на денешното соопштение на Основниот кривичен суд Скопје во врска со бегството од куќен притвор на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани.
Имено, од Судот, меѓу другото, посочија дека надзорот на лицето во куќен притвор според решението му се доверува на Министерството за внатрешни работи (МВР), односно на надлежната полициска станица. Поради тоа, според Кривичен, системската или индивидуалната одговорност за бегството треба да се бара кај органот кој го врши надзорот, или во случајот Министерството за внатрешни работи.
Тошковски на идентичен начин како и Судот во дописот до медиумите, набројува пет факти кои, како што вели, јасно покажуваат каква е вистинската фактичка состојба.
„Факт број 1: Кривичниот суд определи куќен притвор за странец кој беше уапсен по меѓународна потерница од Интерпол“,
вели министерот во објавата.
Понатаму, вели тој, согласно член 163 став 5 од Законот за кривична постапка (ЗКП), „судот врши надзор над куќниот притвор, а надзорот може да го довери на полицијата, определувајќи го начинот на негово извршување.
Во овој случај, Тошковски, вели дека во решението за куќен притвор на Рамадани, Судот надзорот го доверил на МВР, Секторот за внатрешни работи Скопје, конкретно на Полициската станица од општа надлежност „Чаир“, но не го определил начинот на извршување, иако, како што повторно посочува тоа е законска обврска согласно наведениот член од Законот за кривична постапка.
„Во моето повеќегодишно искуство како адвокат, се имам сретнато со решенија за определување на куќен притвор каде прецизно било определено на кој начин да се извршува надзорот од страна на полицијата“,
вели министерот за внатрешни работи.
Согласно досегашната пракса добр позната за Судот, вели тој, полицијата не го не го обезбедува 24 часа домот каде се извршува мерката, туку повремено, во определени временски интервали, ненајавено го проверува присуството на лицето во домот.
„И покрај тоа што судот не го определил начинот на вршење надзор, од страна на СВР Скопје во повеќе наврати биле вршени проверки, при што последната проверка е извршена на 13.08.2024 година, кога лицето било на предметната адреса, за што од страна на полициските службеници е изготвен и соодветен службен материјал“,
вели Тошковски.
Министерот во објавата ја повикува јавноста, особено, како стручната фела, внимателно да го следи овој случај, бидејќи, како што додава, неговиот исход ќе биде од суштинско значење за воспоставувањето на правдата и довербата во судскиот систем во Македонија.
Откако случајот со бегството од куќен притвор на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани, изминатите денови стана една од главните теми во јавноста, Основниот Кривичниот суд Скопје денеска по прв пат се огласи во враска со случајот, оценувајќи ја за предимензионирана неговата медиумска покриеност.
И покрај обвинувањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ оти за бегството на Рамадани е виновен судијата Пајазит Пајазити од Кривичниот суд, коj го донел решението за смена на ефективниот со куќен притвор на поранешниот припадник на ОВК непосредно пред неговото бегство, од Судот велат дека Рамадани бил во 15-дневен притвор (од 17 јули до 1 август), согласно досегашната судска пракса за овие случаи. Тоа, како што додаваат оттаму, е максималното време кое некое лице го поминало во екстрадициски притвор.
Од Судот додаваат дека при носењето на решението за определување домашен притвор, кое е по предлог на одбраната на лицето, судијата ја имал предвид веќе воспоставената судска пракса за идентични случаи. Во прилог на решението на одлуката, од Судот додаваат оти не биле исполнети законските услови за екстрадиција на Рамадани и оти целиот предмет е доставен на надлежно постапување на Врховниот суд во земјава.