Од Судот додаваат дека при носењето на решението за определување домашен притвор, кое е по предлог на одбраната на лицето, судијата ја имал предвид веќе воспоставената судска пракса за идентични случаи. Во прилог на решението на одлуката, од Судот додаваат оти не биле исполнети законските услови за екстрадиција на Рамадани и оти целиот предмет е доставен на надлежно постапување на Врховниот суд во земјава
Откако случајот со бегството од куќен притвор на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани, изминатите денови стана една од главните теми во јавноста, првпат се огласи Основниот Кривичниот суд Скопје оценувајќи ја за предимензионирана медиумската покриеност за екстрадициската постапка во овој случај.
И покрај обвинувањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ оти за бегството на Рамадани е виновен судијата Пајазит Пајазити од Кривичниот суд, коj го донел решението за смена на ефективниот со куќен притвор на поранешниот припадник на ОВК непосредно пред неговото бегство, од Судот велат дека Рамадани бил во 15-дневен притвор (од 17 јули до 1 август), согласно досегашната судска пракса за овие случаи. Тоа, како што додаваат оттаму, е максималното време кое некое лице го поминало во екстрадициски притвор.
Од Судот додаваат дека при носењето на решението за определување домашен притвор, кое е по предлог на одбраната на лицето, судијата ја имал предвид веќе воспоставената судска пракса за идентични случаи. Во прилог на решението на одлуката, од Судот додаваат оти не биле исполнети законските услови за екстрадиција на Рамадани и оти целиот предмет е доставен на надлежно постапување на Врховниот суд во земјава.
„При донесување на решението, судијата имал предвид дека – имајќи ја предвид веќе воспоставената судска пракса за постапување на нашите судски органи при идентично исти случаи, односно на лица на кои првично им било определена мерка притвор, во сите одлуки на Кривичниот совет при надлежните судови е утврдено дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција, а овие одлуки се потврдени од Врховниот суд на РСМ, согласно законските одредби, може да биде обезбедено со поблаги мерки како куќен притвор, мерки за обезбедување присуство или гаранција, што е наведено во решението“,
посочуваат од скопскиот кривичен суд.
Надзорот на лицето во куќен притвор, пак, како што додаваат, според решението му се доверува на Министерството за внатрешни работи (МВР), односно на надлежната полициска станица. Судот посочува дека поради тоа, системската или индивидуалната одговорност за бегството треба да се бара кај органот кој го врши надзорот, или во случајот Министерството за внатрешни работи.
„До 14 август ниту МВР ниту политичките партии, а ниту, пак, експертите не ја коментираат одлуката на Судот за определување куќен притвор иако истото беше објавено од одредени медиуми, веројатно поради функционалноста на истата, како и многубројните пресуди против државата токму заради ‘злоупотреба’ на притворот. На крај лицето се дава во бегство од куќен притвор над кој надзор врши токму МВР, по што и следат многубројните реакции и обвинувања на сметка на Судот“,
се наведува понатаму во соопштението на Кривичен.
Во соопштението на Кривичниот суд, меѓу другото, се наведува и дека случајот се однесува на странски државјанин кој се товари за сторено кривично дело во друга земја (Косово), а негова екстрадиција бара Србија. Оттука, како што додаваат, домашниот судски систем не е директно засегнат за исходот од оваа постапка со оглед на тоа дека на лицето не му се суди во земјава и нема оштетени македонски државјани.
„Сепак, обврска на РСМ е во започнатата екстрадициска постапка да го почитува меѓународното право за што веќе има воспоставена судска пракса. Имено, во идентичен случај со лицето Томора Морине од 2019 година, лицето не било екстрадирано во Р Србија бидејќи истиот бил косовски државјанин и делото за кое се товари било сторено во Р Косово, па заради тоа надлежност за водење на постапката ја има Р Косово, одлука која била потврдена од Врховниот суд на РСМ“,
велат од Судот.
Во однос на одлуката на Судскиот совет да формира посебна комисија која ќе треба да ја констатира фактичката состојба во однос на одлуките кои непосредно пред неговото бегство ги донел Кривичен, од Судот велат дека Советот може и треба да проверува дали е постапено во рамки на законот, но апелираат случајот да не се користи за политичко препукување, особено, како што велат, ако јавноста не е запознаена со клучните факти за истиот, судската пракса и пред институционалните надлежности.