Прекршителот ќе добие СМС-известување во разумен временски период од 24 часа, а не по три или шест години. Преку СМС ќе добие известување за прекршокот со линк за отворена информација и слика, со која ќе се увери дека токму тој во одреден временски интервал на одреден булевар сторил прекршок, рече Тошковски
Нов пристап за сообраќајни прекршоци најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Намерата е, како што објасни, да се испраќаат СМС-известувања до граѓаните кои направиле прекршок, а исто така ќе се поставуваат и камери на црните сообраќајни точки.
„Предвидуваме ефикасна постапка за комуникација помеѓу прекршителот и МВР, каде што прекршителот ќе добие СМС-известување во разумен временски период од 24 часа, а не по три или шест години. Преку СМС ќе добие известување за прекршокот со линк за отворена информација и слика, со која ќе се увери дека токму тој во одреден временски интервал на одреден булевар сторил прекршок“,
рече Тошковски.
Тошковски денес учествуваше на партиска трибина во ВМРО-ДПМНЕ со наслов „Суштината на проблемот – лоши закони или лоша примена?“, каде истакна дека се работи на имплементација на нови и ефикасни решенија за подобрување на сообраќајната култура и безбедност, како што е системот „сејф сити“.
„Со имплементацијата на ’сејф сити’, овие проблеми кои се наталожени во минатото треба да бидат процесирани во рамки на едно системско решение, решение во коешто не ќе може да влијае никој, туку секој прекршител кој ќе вози со недозволена брзина, ќе паркира на забрането место или ќе управува нерегистрирано возило, ќе биде евидентиран од самиот систем и ќе се преземат соодветни мерки“,
посочи министерот за внатрешни работи.

Тој додаде дека овие решенија ќе обезбедат транспарентност, фер третман за сите прекршители и зголемена ефективност во примената на законите, но ќе се соочи и со проблемите кои произлегуваат од судската пракса и селективната примена на законите.
„Факт е дека системот е руиниран многу долг временски период, и сега сме оставени во ситуација каде што вакви грозоморни несреќи го привлекуваат вниманието на јавноста со право. Гневот кај народот е огромен и народот со право е гневен. Гневен е затоа што гледа дека слабостите на системот се катастрофални и нормално бара решение“,
посочи Тошковски.