Постапката е спроведена без правен основ. Смената на Весна Дамева, без разлика каква и да била, направена е на дивјачки, незаконски и спротивен начин од она што го предвидува законот, вели адвокат Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ
Смената на веќе претходната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева без разлика каква и да била направена на дивјачки, незаконски и спротивен начин од она што го предвидува законот, Деловникот за работа на Судскиот совет. Постапката е спроведена без правен основ, рече адвокат Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната дебата „24 анализа“ што се емитува на Телевизија 24.
Според него во јавноста се крие вистинската причина за разрешување на Дамева, а тоа е дека го криела писмото од американската амбасадорка.
„Се разрешува претседателката и образложението им е, пазете каква злоупотреба на име и презиме е тоа, заради тоа што претседателката го криела писмото од амбасадорката. Како не им е срам да кажуваат вакво нешто. Што мислат дека ние, правната фела, па и луѓето што го пратат правосудството, а и секој обичен граѓанин, дека нафта пиеме, како злоупотребуваат име на амбасадор во насока на затскривање на вистинската причина зошто почитуваната екс стручна соработничка и сега екс претседателка на Судскиот совет требало да биде разрешена на ваков начин“,
рече Тошковски.
Тој додаде дека кога се случило разрешувањето на Дамева, ја анализирал изјавата што таа ја дала кога беше избрана пред неколку месеци.
„Изјавата беше дека нејзина цел во менаџирањето на оваа институција ќе биде гаснење на злото, односно гаснење на корупцијата. Претходната претседателка на Судскиот совет која беше пред Дамева, Павлина Црвенковска даде оставка поради притисоци од политичко-бизнис елита. Оваа заминува вака на овој крајно незаконски начин. Дали ова значи дека сме го допреле дното, дали има поголемо дно од ова на кое што сме“,
посочи Тошковски.