Ширењето на делта-сојот кој потекнува од Индија ги принуди земјите во светот да размислуваат за заострување на некои мерки, кои ги укинаа неодамна откако бројот на заразени нагло опадна со напредувањето на вакцинацијата.
Експертите ширум светот предупредуваат на делта-сојот, главно предвидувајќи дека оваа варијанта на коронавирусот ќе биде доминантна наесен. Европските земји, исто така, се повеќе се загрижени за оваа мутација на вирусот, а поостри ограничувања следат во земјите од азиско-пацифичкиот регион, пренесува Гардијан.
СЗО викендов забележа најмал број заразени од февруари, но предупреди дека делта-варијантата делта е присутна во 92 земји во светот, што предизвикува смртоносен бран во земјите од Индонезија до Русија.
Москва оваа недела бележи рекордни 144 смртни случаи за само 24 часа по избувнувањето на нови случаи на заразени со делта-сојот низ целата земја. Градоначалникот на руската престолнина Сергеј Собјанин предупреди дека „единственото решение е брза вакцинација од голем обем“.
Во меѓувреме, во повеќето европски земји, инфекциите, хоспитализациите и смртните случаи продолжуваат да паѓаат на нивоа што не се забележани од минатото лето, а неколку влади викендов дополнително ги ублажија ограничувањата како што напредува масовната кампања за вакцинација.
Кој ги олесни мерките?
Шпанија ја укина обврската за носење маски на отворено, како и Холандија, каде ограничувањата се намалени и ноќните клубови повторно можат да примаат гости со негативен ПЦР тест. Белгија, исто така ги олесни мерките, дозволувајќи на масите да има по осум гости и дозволено е примање гости дома. Повеќето од преостанатите ограничувања во Швајцарија се, исто така, укинати.
Швајцарскиот министер за здравство Ален Берсет повтори дека смета дека се помасовната вакцинација со „Фајзер“ и „Модерна“ треба да обезбеди доволна заштита од делта-варијантата на вирусот.
Сепак, Германија – иако вакцинираше повеќе од 35% од вкупното население и 53% примија прва доза, викендов ја прогласи Португалија за „зона на вируси“ со забрана за повеќето пристигнувања од земјата, освен за германските државјани, и воведе задолжителен карантин од 14 дена за сите.
Овој потег се случи само неколку дена пред официјалната употреба на „дигиталниот зелен сертификат“ на ЕУ, чија цел беше да се олесни патувањето за оние кои се вакцинирани, кои прележале или кои имаат негативен ПЦР тест. Ова предизвика стравувања од летниот туризам во ЕУ.
Според надлежните власти, над 70 проценти од новите случаи во областа Лисабон и 51 процент од случаите низ целата земја, вклучително и регионот Алгарве, кој е популарен кај туристите се заразени со делата-сојот.
Португалија воведе построги правила, вклучувајќи налог за затворање на ресторани за време на викендот во Лисабон и Албуфеира. Досега, околу 30 проценти од португалското население е целосно вакцинирано.
На други популарни дестинации за одмор во Европа, експертите велат дека делта-варијантата веројатно ќе стане доминантен вид во Грција до средината на август и предупредија дека во текот на летото може да бидат потребни строги локални мерки во области каде вакцинацијата е мала и каде бројот на случаи ќе се зголеми.
Во неколку шпански региони, вклучително и Каталонија, веќе 20 проценти од заразените се со делта-коронавирус. Регионалните здравствени власти предупредуваат дека видот може да стане доминантен во рок од две до четири недели.
Кој ги заостри мерките?
Надвор од Европа, Индонезија е најтешко погодена земја во Југоисточна Азија, со 21 000 случаи на заразени на ден. Болниците во Џакарта и другите градови се пребукирани.
Скокови во бројот на заразени се случуваат низ целиот регион: Тајланд во неделата објави дека повторно ќе воведе строга контрола над рестораните во Бангкок, градилиштата и собирите, со цел да се спречи новиот бран. Во соседна Малезија, премиерот најави дека едномесечното затворање ќе продолжи на неодредено време, додека Бангладеш, исто така, рече дека ќе воведе ново затворање на цела држава од понеделник.
Индискиот премиер Нарендра Моди повика 940 милиони луѓе да се вакцинираат што е можно поскоро поради зголемената загриженост за ширење на делта-сојот.
Во Австралија, во Сиднеј се затворени ресторани, барови и кафулиња, бидејќи повеќе од пет милиони луѓе се во двонеделна блокада поради избувнување на повеќе од 110 случаи, откако возач на аеродром бил позитивен на делта-варијантата во средината на јуни. Северниот град Дарвин во неделата започна и со посебен 48-часовен карнтин.
Нов Зеланд, каде животот се нормализира, најави суспендирање на правилото за „карантин“ со Австралија на три дена. Израел повторно ја воведе обврската за носење маски во затворени простории и на јавни места откако беше забележано зголемување на бројот на заразени лица.