Анкетите покажуваат дека мал број од населението сака да се вакцинира, но факт е дека и властите досега набавија многу мал број вакцини
Премиерот Морисон претходно изјави дека до средината на 2022 година ќе се вакцинираат 80 отсто од населението. Подоцна се премисли и рече дека не може да гарантира ниту дека Австралија ќе биде отворена за Божиќ во 2022 година
Сиднеј е повторно е во карантин, границите на Австралија се затворени, коронавирусот е повторно присутен. Австралија е земја со мал број вакцинирани, а причината е недостиг на вакцини. Поради тоа, од ден во ден расте незадоволството кај граѓаните од лошата стратегија во борбата против коронавирусот.
„Почитувани клиенти, сè уште сме затворени, бидејќи премиерот Скот Морисон е бескорисен идиот кој обезбеди вакцини за само 4% од населението во изминатите 18 месеци.“
Ваква порака добиле жители на предградие на Сиднеј, а потекнува од сопственикот на локална продавница. Повод е што овој град со 5 милиони жители е повторно во карантин, овој пат цели две недели. Причина за тоа е појавата на делта-сојот, од кој се заразени 110 луѓе во овој град.
Парадокс
Австралија ги собра сите пофалби на почетокот на пандемијата за начинот на кој се бори против коронавирусот и ја одржува економската состојба во нормални граници. Сепак, според аналитичарите, направена е една грешка – не се размислуваше долгорочно и не се обезбедени доволно дози вакцини за да спречи повторна појавува на пандемијата.
Сега нејзините граѓани, кои веруваа во сигурна победа, се прашуваат колку подолго може да трае ова.
„Не можеме да ја напуштиме земјата, луѓето не можат да влегуваат и да нè заклучуваат одвреме-навреме, и тоа нè чини многу“,
коментираат некои од нив, со очигледно незадоволство.
Во неделата толпа луѓе дојдоа на плажата Бонди, и покрај наредбите да останат дома.
Иако е дозволено вежбање на отворено, луѓето на плажа отидоа чекор подалеку и беа фотографирани како се капат на зимско сонце и седат на клупи со пијалаци.
Исто така, воведен е и 48-часовен карантин во делови на северната територија на Австралија, вклучувајќи го и нејзиниот главен град Дарвин, по појавувањето на четири случаи поврзани со работник во рудник за злато, за кој се верува дека се заразил за време на ноќевањето во карантин-хотел во Бризбејн.
Властите сега се обидуваат да ги пронајдат сите 900 работници кои заминале од рудниците во градовите низ Австралија.
Австралија забележа само 910 смртни случаи во однос на 25 милиони жители, што е една од најниските смртни случаи по глава на жител во светот.
Луѓето не веруваат во вакцини
Недовербата кон вакцините е исто така проблем во Австралија. Студија на „Сиднеј морнинг хералд“ и „Ејџ“ покажа дека 15 проценти од анкетираните возрасни не би сакале, а 14 проценти најверојатно нема да бидат вакцинирани. Студијата беше спроведена по информацијата во април дека вакцината „Астра Зенека“ е поврзана со редок несакан ефект на згрутчување на крвта.
Австралиските власти изјавија дека се надеваат дека ќе го достигнат имунитетот на стадо, точката во која би биле вакцинирани околу 80 проценти од населението, пред повторно да ги отворат своите граници. Премиерот Морисон претходно изјави дека тоа ќе биде можно само во средината на 2022 година. Подоцна се премисли и рече дека не може да гарантира ниту дека Австралија ќе биде отворена за Божиќ во 2022 година.
Набргу потоа медиумите се повеќе почнаа да пишуваат дека Морисон и неговото бавно снабдување со вакцини се одговорни за заклучувањето што трае.
Морисон на ова одговори со изјава дека ќе го зголеми бројот на вакцини во јули, а следната недела ќе пристигнат 600 000 дози „Фајзер“.
„Проблемот беше во ‘Астра Зенека’. Медицинскиот совет ја ограничи неговата употреба на лица над 60 години, а пред тоа на над 50 години. Тоа предизвика сериозен проблем“,
рече тој и додаде дека има нови договори за снабдување со „Астра Зенека“, „Фајзер“ и „Модерна“.
„Значи, ќе продолжиме да работиме на таа цел, до крајот на годината, да им ја понудиме вакцината на сите што ја сакаат“,
додаде тој.
Ни влез ни излез
Иако економијата е подобра во однос на најголемиот дел од светот, туристички сектор на Австралија претрпе огромен удар, универзитетите се борат со дефицит, бидејќи сега нема надоместоци што ги добиваа од странските студенти. Покрај тоа, огромното мнозинство Австралијци се навикнати на патувања, а фактот дека сега се принудени да седат дома една година е прилично фрустрирачки. Имено, за секое патување потребна е дозвола на Владата, чие издавање е бавно и тешко се добива.
Дури и Нов Зеланд, единствената земја во која Австралијците може слободно да патуваат, од сабота најави тридневен карантин, поради избувнувањето на епидемијата.
Владата, исто така, се најде на удар на критиките за околу 36 000 Австралијци кои останаа „заглавени“ во странство, биејќи затворените граници го отежнуваат враќањето дома, а трошоците за карантин се илјадници долари.
На последниот попис во 2016 година, околу половина од луѓето што живеат во Австралија се родени или имаат родители во странство.
„Јас сум по потекло од Канада и не знам кога повторно ќе го видам моето семејство. Искрено, мислам за најмалку 2 години. Ние сме толку фрустрирани! Процесот на вакцинација е смешен. Ни рекоа да испратиме е-пошта и тие ќе не контактираат кога да дојдеме… тогаш ни беше речено да пробаме повторно, затоа што таа програма дури не ја бележи апликацијата“,
вели жител на Бризбејн со потекло од Канада.