Во продолжение ви ги претставуваме петте најгледани стории и видеа објавени на нашата веб-страница и на нашите канали на социјалните мрежи во 2024 година

Во целата 2024 година на вести, брзо и проверено информирање, се трудевме да ви ги овозможиме најважните домашни и светски наслови. Посветено, секој ден, екипата на „360 степени“ се трудеше да ги задоволи интересите на своите верни читатели и следбеници на социјалните мрежи за актуелните случувања. Отворивме многу чувствителни теми дома, како политички така и социјални.
Во продолжение ви ги претставуваме петте најгледани стории и видеа објавени на нашата веб-страница и на нашите канали на социјалните мрежи во 2024 година. Нивната популарност, ја направија вашите „кликови“ и реакции.
Среќна Нова 2025 година! Со искрени желби за многу здравје и успех и во новата година…
5 најгледани стории на „360 степени“ за 2024 година:
(ВИДЕО) Си врви бизнисот во една од габаритните дивоградби на Пластичарска во Скопје
Повеќе од година и половина го следиме секој чекор од изградбата на диво на два големи комерцијални објекта на Пластичарска, во делот кој е под надлежност на Општина Центар. Знае Општината, знае Државниот градежен инспекторат, знаеше премиерот, знаеше и сè уште знае и Обвинителството. И, наместо да бидат урнати, еден од објектите ширум ги отвори вратите и во него функционира голема продавница. Се разбира, може да пазарите, но фискална не очекувајте.
Поминавме два грчки гранични премини. Едниот со земјава, Богородица, а другиот меѓу Грција и Бугарија, Кулата. Во земјава се вративме на преминот кај Делчево. Целта беше да провериме дали се точни гласините дека по 12 февруари се бараат на увид и документи кои обично не ги бараат пограничните власти на овие земји и дека грчката полиција прави проблем за кодот МК на сообраќајната дозвола, иако на неа стои новото име Република Северна Македонија.
(ВИДЕО) Мечките во Жировница повторно си се шетат „чесно и поштено“
Се сеќавате на мечките кои лани се симнуваа по храна во селата во мавровско и беа хит на медиумите и социјалните мрежи. Се сетивме и ние, но пред се на ветувањата на надлежните, со кои требаше да се обезбеди ова заштитено животно да продолжи да живее непречено, а луѓето да бидат безбедни. Повторно бевме во Жировница. Мечките си доаѓаат во селото, а жителите се жалат – малку од ветенето е спроведено.
Од земјава во соседна Србија влеговме со лична карта, бидејќи македонските гранични служби не поучија дека во Србија нема да не пуштат со пасошите со старото уставно име, Република Македонија. Одговорот кој го баравме 500 километри на север беше – дали со стар пасош, со името Република Македонија, може да се помине пред хрватските и унгарските гранични служби. Бидејќи тие се дел од Шенген зоната, влезот во Хрватска или Унгарија со стар пасош значи и слободно патување низ стариот континент со стар пасош.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека на граѓаните со стара лична карта ќе им биде дозволен излез од земјава кон Србија, Косово и Албанија – држави со кои за премин преку граница не е потребен пасош, туку само лична карта. Направивме мини-балканска турнеја Скопје-Прешево-Урошевац-Скопје при што преминавме три граници, меѓу кои и граница меѓу Србија и Косово, само за лично да тестираме – дали има проблеми при патување со стара лична карта.