Ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, утрово не се појави на судењето за ТНТ бидејќи, како што кажа неговиот адвокат, синоќа бил претепан и завршил во болница. Меѓутоа, судијата Огнен Ставрев рече дека утрово телефонски разговарал со лекарот од Ургентен центар, кој му кажал дека Трајковски е во добра здравствена состојба и дека утрово е пуштен дома, поради што судот даде пауза од еден час за тој да дојде на судење. Ако не се појави, ќе биде приведен стражарно.
На денешното рочиште треба да продолжи распитот на обвинетиот поранешен министер Миле Јанакиески, кој ќе одговара на прашањата на бранителите на останатите обвинети, но и на обвинителот Бурим Рустеми и на судиите.
Случајот ТНТ, кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“, е во трка со времето и од средата интензивно се одржуваат рочишта секој работен ден.
Утре истекува четиригодишниот мандат на една од поротничките, Лилјана Ивановска-Кочковска, а за неколку месеци и на уште една, Марика Кондовска.
За овие две поротнички одбраната бараше и прекинување на судењето по друга околност – затоа што имаат наполнето по 60 години.
Судијата Огнен Ставрев досега посочуваше дека судечкиот совет ќе работи сè додека не добие некакво решение од Судскиот совет. Според законот, ако дојде до промена во составот на судечкиот совет, судењето ќе почне од почеток.
За судењето евентуално да заврши до утре, денеска треба да заврши и распитот на останатите петмина обвинети. Исто така, треба да има и заврши зборови поради што е речиси невозможно утре да се слушне и пресуда.
Покрај Јанакиески и Трајковски, во случајот обвинет е и Никола Груевски кому му се суди во отсуство, како и четири лица од Општина Гази Баба кои во 2011 биле вклучени во постапката за рушењето на Космос.
Повеќе детали за сведочењето на Јанакиески од минатата недела прочитајте ТУКА.