Поранешниот градоначалник на Гази, Баба Тони Трајковски, и денеска не дојде на рочиште за предметот ТНТ. Причината, како што кажа неговиот адвокат Јовица Страшевски, е иста како и вчера – не добил покана.
Судијата Огнен Ставрев рече дека судот се обидел преку судски курир да му достави покана.
„Имам известување од судскиот курир дека никој не сака да му отвори врата“, рече Ставрев.
Страшевски, пак, во изјава за медиумите вели дека неговиот клиент има доставено до судот две адреси, една според лична карта и друга според место на престојувалиште.
„Има законски основ како се доставува покана“, рече адвокатот одговарајќи на на прашањето зошто тој не го известил својот клиент дека има рочиште.
Поради непојавување и на денешното рочиште, судот издаде наредба утре Тони Трајковски присилно да биде донесен во судот со полиција.
„За Тони Трајковски да се испрати наредба за негово присилно доведување. Ако продолжи да се однесува вака, ќе има подрастични мерки“, рече судијата Ставрев.
Поради отсуството на Трајковски, не беа исполнети условите денеска да се одржи рочиште, на кое одбраната требаше да се произнесе дали се согласува само да бидат прочитани материјалните и вербалните докази или ќе бара целосно нов почеток со изнесување на секој доказ посебно и со сослушување на сите сведоци одново.
Ова следува откако вчера поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска која е дел од судечкиот совет во ТНТ си даде неотповиклива оставка.
*Поврзана вест
Оставката на поротничката – за некого победа на правдата, за некого показател за заканите