Поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска утрово не влезе во судница со останатите четворица членови на судечкиот совет во предметот ТНТ.
„Пред половина час добив барање од поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска. Со тоа барање таа дава неотповиклива оставка. Кажува дека ѝ престанува судскиот мандат, кога дала заклетва пред судскиот совет, меѓутоа кажува и дека има здравствени проблеми”,
рече судијата Огнен Ставрев.
Тој објасни дека тоа значи дека судечкиот совет не е во полн состав, ниту може да ја води постапката ниту да одлучува, што значи дека постапката мора да почне одново.
„Не сакам да ја коментирам нејзината оставка, не е тоа моја работа, меѓутоа вие тврдевте пред овој судечки совет и пред мене лично дека тоа што го правевте и баравте два месеца не го правите за одолговлекување на постапката туку за почитување на законот. Ако е така, потврдете се самите себе, ќе ја почнеме постапката одново, но имате шанса да ми кажете да ги прочитаме материјалните и вербалните докази наместо макотрпно да ја почнеме постапката одново. Тоа ќе биде целисходно брзо и ефикасно. Уште утре ви давам термин да дојдете на рочиште и да кажете“,
им порача Ставрев на адвокатите и на обвинетите.
Денешното рочиште требаше да биде прво од десетте во низа што требаше да се одржат до 27 јануари. Утре напладне е закажано ново рочиште, на кое одбраната ќе треба да каже дали ќе се согласи да се прочитаат досега изведените докази и да се продолжи со судењето каде што е застанато или ќе бара одново да се изведува секој доказ посебно и да се повикува секој сведок повторно да сведочи.
Ова е втора оставка на поротничката. Кога беше првата нејзина најава за оставка, таа споменала дека добива притисоци и закани, а откако претседателот на судот Иван Џолев ѝ укажал дека може да добие обезбедување таа се согласила да продолжи да работи. Меѓутоа, денешната втора оставка, навела таа, е неотповиклива.
На денешното судење не дојде ниту обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски.
„Известен сум од неговата сопруга дека нема добиено покана за денешното рочиште. Ни јас немав покана ама бев замолен од неговата сопруга да дојдам“,
рече неговиот адвокат Јовица Страшевски, кој и покрај тоа што испратил допис до судот дека е на годишен одмор, се појави на судењето.
И обвинетата Елизабета Најдовска не се појави на судење бидејќи немала покана, образложи нејзиниот адвокат Мерџан Даути.
Покрај Трајковски и Најдовска, во предметот ТНТ, кој се однесува на рушењето на комплексот „Космос“, обвинети се и поранешниот министер Миле Јанакиески, избеганиот премиер Никола Груевски и три лица од Општина Гази Баба кои во 2011 учествувале во процесот на уривање.
*поврзани вести
Прозивки помеѓу судот и одбраната: ТНТ продолжува да се води надвор од судница
Нема раздвојување на судењето за ТНТ, следното рочиште на 17 јануари, веројатно со нов почеток
Ќе се разрешат судијките поротнички – пет случаи на СЈО се враќаат на почеток