Ќе се слушне ли пресуда за случајот ТНТ веќе наредната недела или можеби судскиот процес, за кој обвинението беше прифатено пред повеќе од две години, ќе почне од почеток?
Ова прашање се наметна по денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје каде што требаше да почне распитот на обвинетите за предметот кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски, што според обвинението се случило од политичка омраза. Обвинети се седум лица, меѓу кои експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер Миле Јанакиески и ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски.
Рочиште за овој предмет е закажано и за утре, на кое се очекува да биде распитот на сите обвинети. Потоа, остануваат уште завршните зборови и изрекување на пресудата.
Меѓутоа, од одбраната го посочуваат 24 декември 2019 (наредниот вторник) како датум кога истекува четиригодишниот мандат на две судијки поротнички. Според закон, ако се смени состав на судечки совет, тогаш судењето почнува од почеток.
Судијата кој е на чело на овој судски процес, Огнен Ставрев, и покрај тоа што одбраната посочуваше на вакви околности, рече дека тој не е оној кој одлучува и дека судечкиот совет ќе работи сè додека не се добие некакво решение. Решение за престанокот или за евентуално продолжување на мандатот, пак, треба да донесе Судскиот совет.
За истите судијки поротнички вчера одбраната посочуваше и друга околност – дека тие наполниле 60 години и оти нивната функција престанува според закон.
Токму вчерашното рочиште беше и маратонско. Почетокот беше закажан за 9:30 утрото, а заврши околу 20:15 вечерта, по што се закажа и денешното рочиште. Паралелно денеска се одложи судењето за предметот „Монструм“, во кој предмет постапува истиот судечки совет.
Меѓутоа, по неколку часа барање нови адвокати за четворица обвинети во ТНТ, и ова судско рочиште се одложи.
Имено, денеска адвокати во судница во закажаниот термин имаа само Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, Миле Јанакиески и уште еден обвинет.
Тројца адвокати кои бранат четворица обвинети денеска не дојдоа во судница и затоа добија казни од по 2.000 евра. На нивно место судот судот бараше нови по службена должност.
Еден од казнетите адвокатите е Боро Тасевски, кој му е бранител на ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски. Трајковски денеска пред судот соопшти дека му го одзел полномошното на Тасевски и рече дека тоа го направил синоќа затоа што адвокатот не го предупредил дека може да дојде до ситуација за помалку од 13 часа по завршување на вчерашното рочиште да треба да ја даде својата одбрана со анализа на докази, вештачење, искази на сведоци…
„Поради тоа, немав можност да ја подготвам својата одбрана за толку краток период“, рече ексградоначалникот.
Тој раскажа дека откако по вчерашното рочиште го отповикал Тасевски, синоќа ангажирал нов адвокат, Јовица Страшевски. Но, новиот адвокат денеска не се појави бидејќи во ист термин веќе имал рочиште со друг клиент во судот во Кичево.
Затоа судијата Ставрев побара адвокат по службена должност, а го казни адвокатот Боро Тасевски бидејќи, како што наведе, и покрај тоа што е отповикан тој има обврска во наредните 15 дена да го застапува обвинетиот.
Мерџан Даути е вториот адвокат кој денеска не се појави во судница, а причината била тоа што имал обврски во Србија со друг клиент.
Адвокат по службена должност за денеска судот назначи и на местото на Дончо Наков кој е бранител на две обвинети во ТНТ. Тој не се појави денеска затоа што имал рочиште за случај за убиство во Куманово.
Овие тактики, и според судијата Ставрев и според обвинителот Бурим Рустеми, се само обид за одолговлекување на постапката.
Сепак, токму новите адвокати кои дојдоа по службена должност денеска успеаа да го одложат рочиштето, бидејќи рекоа дека не се запознаени со предметот и не сакаат да им наштетат ниту на обвинетите, ниту на судот.
Тие утре заедно со новите клиенти треба да се појават во 9.30 часот на ново рочиште за ТНТ. Ако се појават старите адвокати, судот ќе ги отповика оние кои ги назначи денеска по службена должност. Утре, треба да почне распитот на обвинетите, а прв на листата е Миле Јанакиески.
Повеќе за денешното рочиште за ТНТ прочитајте ТУКА.