Тим од лекари од Клиничкиот центар во Скопје треба да каже дали првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, може да го следи судскиот процес или не. Од здравствената состојба на обвинетиот ќе зависи и дали денеска ќе се одржи судското рочишта.
Конзилијарниот преглед го најави судијката Васка Николовска-Масевска откако Јовановски вчера не беше спроведен на закажаното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје.
„Со цел да се избегне манипулација и злоупотреби со здравствената состојба, судот ќе даде наредба Јовановски да биде конзилијарно прегледан од тим лекари од Клиничкиот центар во Скопје и ќе се утврди дали ќе може да ја следи постапката во понатамошниот тек за да немаме пред секое судење вакви ситуации“,
рече судијката Николовска-Масевска.
Откако е во притвор, од јули лани, Јовановски постојано посочува дека не е во добра здравствена состојба, а минатата недела тој и неговиот адвокат Сашко Дуковски посочија дека му бил дијагностициран карцином на желудникот.
Ако денеска се одржи рочиште, на него треба да се презентираат материјалните докази на обвинителството за предметот „Рекет“, каде покрај Јовановски обвинета е и поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева.
На претходното рочиште беа прикажани снимки од камерите во куќата на Орце Камчев, кои тој во својство на сведок ги има доставено во Обвинителството како доказен материјал. Станува збор за снимки на кои се прикажани Бојан Јовановски-Боки 13, Зоран Милевски-Кичеец и Камчев, кои беа објавени од италијанскиот весник „Ла Верита“, а потоа и во македонските медиуми, само што истиот настан беше прикажан од повеќе агли односно од други камери.
Се презентираа и фискални сметки од обвинетиот Бојан Јовановски и неговата мајка, за облека што ја купувал од брендирани бутици во Италија. Сметките се од 25, 26 и 27 февруари 2019 или неколку дена од 20 февруари – денот кога се тврди дека бил земен милионот од Камчев. Најниската сметка беше со износ од околу 700 евра, а највисоката од 26 000 евра. Вкупната сума на потрошени пари за три дена, како што информираше Русковска е околу 148 000 евра.
Во доказите беа презентирани и извештаи од вештачењето од мобилните телефони на Јовановски за комуникација на „Ватсап“ на Боки со Катица Јанева, Орце Камчев, Фросина Ременски и Дејан Пелистерка, синот на Цветан Панделевски, кој е осомничен во „Империја“.
Покрај Јовановски и Јанева, во случајот со нив беше опфатен и Зоран Милески – Кичеец, но тој на првото рочиште за „Рекет“, кое се одржа на 3 декември 2019, призна вина и доби три години затвор.