Резултатот од тестот за коронавирус направен посмртно на 37-гидишната родилка од Охрид, која синоќа почина во Скопје, е негативен, велат за „360 степени“ од Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК).
Информацијата преку соопштение ја објавија и од Министерството за здравство, посочувајќи дека најверојатно причината за смртта е сепса со масивна тромбемболија.
“Пациентката на возраст од 37 години беше вчера попладне донесена во Скопје со возило на брза помош во високо фебрилна состојба и со мртов плод. Како што информираше Клиниката за гинекологија и акушерство по пристигнување, на пациентката уште веднаш и е направена целосна лабораторија и земен брис за Ковид-19. Лекарите оперативно го извадиле плодот, а од стомакот на мајката е евакуиран гној. Причина за смртта е најверојатно сепса со масивна тромбемболија. Пациентката e пратена на обдукција по што ќе има егзактна дијагноза“,
велат од Министерството.
Според извештајот на Клиниката, посочуваат оттаму, се работело за екстремно обезна пациентка, со телесна тежина од околу 150 килограми, со висок крвен притисок и тахикардија, која во последните пет месеци воопшто не се движела, а согласно податоците од докторите во Охрид, пациентката не ги извршувала ниту потребните гинеколошки контроли.