На документот се потпишани Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка и Грција. Меѓу барањата е и еднаков третман во методологијата кон сите земји, како и избегнување непотребни нови пречки за земјите кандидати
Осум земји членки на Европската Унија се потпишаа на нов нон-пејпер за проширувањето, пренесува ТВ Телма. Во документот, како што се наведува, се бара заштитните мерки, транзициските аранжмани и механизмите за следење по пристапувањето на новите членки да се користат пропорционално, временски ограничено и да бидат поврзани со објективно идентификувани потреби. На нон-пејперот се потпишани Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка и Грција. Меѓу барањата е и еднаков третман во методологијата кон сите земји, како и избегнување непотребни нови пречки за земјите кандидати. Во делот на заштитните клаузули нагласени се меѓународните договори поврзани со добрососедските односи, како дел од пристапниот процес.
„Континуираното додавање нови барања, политички предуслови или институционални порти за време на трката би ги демотивирало кандидатите, би го поткопало кредибилитетот на европската перспектива и би го ослабнало сопственото влијание на Унијата во нејзиното соседство“,
се наведува во документот.
Овој документ следува по нон-пејперот што во јуни го подготвија Германија и Франција насловен „Нов моментум за проширувањето“ во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа во Тиват, Црна Гора. Во тој документ се наведува дека политиката на проширување треба да добие нов поттик, со цел Унијата да се заокружи како вистинска европска унија.
„За да ја претвориме оваа амбиција во реалност и да внесеме нова динамика, мора да обезбедиме дополнителни поттикнувања како дел од процес на постепена интеграција заснован на заслуги, како и да го поедноставиме сегашниот процес за да стане поефикасен и да овозможи побрза и подлабока интеграција во ЕУ врз основа на Копенхашките критериуми“,
пишува во документот.
Германскиот канцелар Мерц тогаш порача дека Европската Унија планира постепен процес на вклучување на земјите од Западен Балкан во европските структури, со цел нивно поблиско интегрирање и забрзување на патот кон полноправно членство.
„Мојот и предлогот на Емануел Макрон наиде на широко одобрување. Внесуваме нов импулс во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан – на пример, преку нивна постепена интеграција во единствениот пазар пред пристапувањето. Денес е добар ден за Европа“
кажа Мерц по Самитот во Тиват.
