Илјадници граѓани утрото пријавиле дека добиле телефонски повици од непознати странски броеви, најчесто со префикс +881 кој не е евидентиран како повикувачки број од ниту една држава.
„Повикот траеше кратко. Не ни успеав да се јавам“, вели за „360 степени“ еден од корисниците кому му бил упатен повикот.
Сите лица кои алармираа во нашата редакција ги користат услугите на „Македонски телеком“.
Од оваа компанија велат дека најверојатно се работи за хакерски напад. Нивна препорака е во никој случај корисниците на нивните услуги да не се јавуваат доколку добијат повик од броеви кои им се сомнителни и веднаш да ги пријават, за ваквите броеви да бидат блокирани.
Оваа меѓународна измама во светот е позната како „Вангири“, а потекнува од Јапонија. Но што се случува доколку одговорите на повикот? Ве поврзува со таканаречени премиум броеви и ве задржуваат што е можно подолго на линија. Колку подолго ве задржат, толку повеќе ќе ве чини овој повик, и нивната заработка ќе биде поголема, а вашата сметка ќе достигне астрономска сума.
Како да се заштитите? Постои само еден начин – не кревајте кога ви ѕвонат и не враќајте на нивните повици. Ако се обидете на го блокирате повикот, тоа ќе биде неуспешно бидејќи секој нареден повик доаѓа од различен број.
Вакви измами во минатите неколку години се регистрирани во повеќе земји во светот. Измамниците пристапуваат до телефонските броеви на луѓето по нелегален пат, односно со „протекување“ податоци.
Во минатите неколку недели се забележани вакви повици од телефонски броеви со префикси од Естонија, Литванија и Нигерија.