Радев, како што се наведува во соопштение од неговиот кабинет, го истакнал почитувањето на правата на граѓаните на С Македонија кои отворено го демонстрираат својот бугарски идентитет, како и одржливото искоренување на говорот на омраза и почитувањето на бугарската историја и културното наследство
Бугарија очекува билатералниот дијалог со Република Северна Македонија да доведе до конкретни резултати, посочил старо-новиот шеф на државата, Румен Радев, во телефонски разговор со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Разговорот, како што соопштува кабинетот на Радев, бил на иницијатива на еврокомесарот за соседство и проширување.
„Бугарија е отворена за дијалог. Постави јасни прашања на својот југозападен сосед и очекува одговори, но и реална реакција од Република Северна Македонија“,
му рекол Радев на Вархеји.
Според бугарскиот претседател, агендата на билатералните односи меѓу Софија и Скопје не треба да биде предмет на надворешни влијанија, туку треба да биде отворена и со посветеност од двете страни, со што би се придвижила процесот на евроинтеграција на ЕСМ.
Радев, како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, го истакнал почитувањето на правата на граѓаните на Северна Македонија, кои отворено го демонстрираат својот бугарски идентитет, како и одржливото искоренување на говорот на омраза и почитувањето на бугарската историја и културното наследство, како што рекол, кај нашиот југозападен сосед.
Во вторникот вечерта, медиуми во Софија јавија дека нема промена во ставот на Бугарија за почеток на преговори со Северна Македонија за влез во ЕУ, на состанокот на Советот за општи работи, каде што постојаниот бугарски претставник во ЕУ, Румен Александров, оценил дека Северна Македонија се уште не ги исполнува критериумите за првата меѓувладина конференција.