На денешниот состанок на Советот за општи работи, постојаниот претставник во ЕУ, Румен Александров, оценил дека Северна Македонија се уште не ги исполнува критериумите за првата меѓувладина конференција
Нема промена во ставот на Бугарија за почеток на преговори со Северна Македонија за влез во ЕУ, на денешниот состанок на Советот за општи работи, јавува БНР.
Бугарското вето останува, иако острата позиција на Бугарија планирана за денеска, која требаше да биде претставена на Советот, не била изразена поради трагедијата на автопатот Струма, дознава медиумот од дипломатски извор.
Постојаниот претставник во ЕУ, Румен Александров, прво изразил длабоко сочувство за трагедијата, по што истакнал дека Северна Македонија се уште не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција.
Како што објави бугарското радио, Александров додал дека во последните месеци Бугарија понудила голем број опции за надминување на отворените прашања, како гаранции за правата на лицата со бугарски идентитет и дека Северна Македонија мора да преземе конкретни обврски, од кои некои ќе бидат исполнети на краток рок, а останатите во делот на идната преговарачка рамка.
„Се додека тоа не се случи, не може да се очекува напредок“,
рекол Александров.
Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Словенија, Гаспер Довжан, уште еднаш ја изразил надежта на претседателството со ЕУ дека прашањето ќе биде решено до крајот на оваа година.
„Овој процес мора да се развие во позитивна спирала“,
вели тој.