Освен честитките што Путин му ги упатил на српскиот претседател Вучиќ за изборната победа, во телефонскиот разговор тие констатирале оти долгорочниот договор за гас со Србија истекува на 31 мај годинава и дека е потребно во најкраток рок да почнат разговори за цената, количините и другите услови за набавка на овој мошне важен извор на енергија за Србија
Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, во телефонски разговор му ја честитал убедливата изборна победа на неговиот колега, претседателот на Србија и лидер на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, пренесува Данас.
Во оваа пригода Путин на српскиот претседател му посакал среќа и успех на одговорната функција шеф на држава и напредок на Србија во наредните пет години, со убедување оти Србија и Русија ќе ги зачуваат пријателските односи.
Според соопштението од српскиот владин кабинет, како што пренесе Данас, претседателот Вучиќ му се заблагодарил за честитките и рекол оти Република Србија ќе продолжи да ја води својата политика на европскиот пат, притоа зачувувајќи ги искрените и традиционални пријателски односи со Русија.
Во соопштението од кабинетот на Вучиќ се наведува оти двајцата претседатели ја анализираа економската состојба и билатералните односи во областа на енергетиката и трговијата, кои бележат раст во 2021 година и првите два месеци од 2022 година, што е добар знак за успешната соработка.
„Претседателот Вучиќ го информираше претседателот Путин за тешкотиите со кои се соочува Србија при увозот на сурова нафта и изрази уверување дека раководството на ‘Гасзромњефт’ и Република Србија, како и партнерите од ЕУ, ќе најдат излез од таквата ситуација“,
стои во соопштението.
Воедно, Вучиќ и Путин констатирале оти долгорочниот договор за гас со Србија истекува на 31 мај годинава и дека е потребно во најкраток рок да почнат разговори за цената, количините и другите услови за набавка на овој мошне важен извор на енергија за Србија.
На крајот на разговорот претседателот Путин го информирал српскиот претседател Вучиќ за настаните во Украина и причините со кои Русија се раководи во спроведувањето на „специјалните операции“, а претседателот Вучиќ се повикал на веќе добро познатите ставови на Србија и заклучоци на Советот за национална безбедност, кои му се познати на претседателот Путин, изразувајќи надеж оти конфликтот во Украина ќе заврши што е можно поскоро.