Таткото три пати го пробол синот во стомакот, десната подлактница и грбот, а за да не заврши фатално, го спречил сведок кој му помогнал на ранетиот и го пренел во болница
Уште една истрага за убиство поврзана со семејни недоразбирања и расправии отворија денеска обвинителствата во земјава. ОЈО Скопје соопшти дека 46-годишен татко е под истрага како осомничен за убиство бидејќи се обидел да го лиши од живот синот побудувајќи го три пати со нож.
Таткото и пред обвинителот кажал дека одлучил „да го реши“ и се надева оти во иднина синот ќе го почитува или повторно ќе на прави истото. Од тие причини, ОЈО Скопје бара судот да му одреди и притвор.
„Тој и во дадениот исказ пред јавниот обвинител признал дека во критичниот момент одлучил ’да го реши оштетениот‘, односно да го лиши од живот, и дека се надева во иднина оштетениот да разбере дека треба да го почитува својот родител или повторно може да се случи истото“,
велат од скопското обвинителство.
Инцидентот се случил во саботата (14 јануари) во кујна од ресторан на улицата „Кирил Пејчиновиќ“ во Скопје.
„По кратка вербална расправија, за која причина биле претходно нарушени меѓусебни односи, осомничениот зел кујнски нож и му нанел три убодни рани на оштетениот во пределот на стомакот, десната подлактница и грбот, нанесувајќи му тешки телесни повреди“,
објаснуваат од ОЈО Скопје.
Во намерата да го изврши убиството го спречил сведок, кој му помогнал на повредениот син и го пренел во болница.
Ова е трет случај на семејно насилство односно убиство кое надлежните го регистрира минатата недела во период од неколку дена.
На 12 јануари, син со нож си го уби татка си во Куманово, а ноќ меѓу 10 и 11 јануари во Скопје, пак, беше регистрирано двојно убиство во кое скопјанец ги уби мајка си и баба си, а имал намера го лиши од живот и неговиот чичко, но не успеал да го најде дома.