Смета дека треба да има директна комуникација со учениците кои завршуваат основно образование и да им се објасни суштината на земјоделството, што ќе учат во иднина и какви се можностите за вработување, како и да ги насочат каде можат да го продолжат образованието и зошто оваа струка е важна

Кога велам дека наставниците треба да покажат ангажман, јас не ги критикувам, јас само ги замолувам да направат нешто да ги задржиме нашите деца на соодветните места, вели министерката за образование по вчерашната реакција за битолското земјоделско училиште каде се запишаа само три ученици во првиот уписен рок.
Министерката потсети дека поради долгогодишниот недостиг на ученици во ова училиште, МОН првично предложило земјоделската струка да се префрли во регионалниот центар. Сепак, по реакциите од училиштето и од градот, бил остварен состанок со раководството и наставниците, кои ветиле дека дополнително ќе се ангажираат.
Јаневска образложи како треба да изгледаат активностите на наставниот кадар за привлекување на идните средношколци.
Смета дека треба да има директна комуникација со учениците кои завршуваат основно образование и да им се објасни суштината на земјоделството, што ќе учат во иднина и какви се можностите за вработување, како и да ги насочат каде можат да го продолжат образованието и зошто оваа струка е важна.
„Тоа е дел од работата на наставниците и од образовниот процес. Сме имале примери на училишта со многу низок рејтинг кои со тек на време, токму поради ангажманот на наставниците, станале реномирани училишта. Тоа го покажува искуството. Кога велам дека треба да покажат ангажман, јас не ги критикувам, јас само ги замолувам да направат нешто за да ги задржиме нашите деца на соодветните места“,
изјави Јаневска.
Министерката потенцира дека Пелагонија е еден од столбовите на македонското земјоделство и дека токму таму оваа гранка мора да се развива со помош на младите сили.
„Децата не мора да знаат сè. Тука се наставниците да им покажат и да им кажат како во иднина тие можат да го модернизираат земјоделието, да го употребат своето знаење за поголемо производство. Важно е да стекнат знаења и компетенции, да ги употребат во својата сопствена држава, каде што јас длабоко верувам дека ќе им биде најдобро од каде било, ако со тек на време ги доведеме работите на свое место“,
додаде таа.
И покрај ветувањата, во првиот уписен рок во земјоделското училиште во Битола се запишале само тројца ученици. Министерката беше децидна дека Законот мора да се почитува.
„По закон, ние не можеме да дозволиме паралелка со три ученици да постои. Тие ќе продолжат да си работат како втора, трета и четврта година, а од следната година ќе си оди оваа паралелка, односно земјоделската струка во Регионалниот центар, како што и планираме, како што и треба да биде“,
рече Јаневска.
