И денешниот втор обид за старт на главната расправа за случајот „Таргет-Тврдина“ заглави на почетокот. Адвокатот Љупчо Шврговски побара изземање на судијата Илија Трпков, кој претседава со петчлениот судски совет во „Таргет-Тврдина“, случај кој Апелација го врати на повторно судење

По вчерашното одложување на првото рочиште од новото судење за случајот „Таргет-Тврдина“ за незаконското прислушување и денешниот, вториот обид за старт на главната расправа заглави на почетокот.
Овој пат причина не беше отсуството на некој од обвинетите туку барањето на бранителот на обвинетиот Тони Јакимовски, адвокатот Љупчо Шврговски, кој побара изземање на судијата Илија Трпков, кој претседава со петчлениот судски совет во „Таргет-Тврдина“, случај кој Апелација го врати на повторно судење.
Аргументите на Шврговски се дека судијата Трпков бил дел од судечки совет кој одлучувал за притвор на Јакимовски и донел решение тој да му биде продолжен на обвинетиот. Со тоа, според Шврговски, судијата веќе оформил мислење во однос на обвинетиот.
„Со вашето постапување во овој предмет ќе биде доведена во прашање вашата непристрасност и објективност. Веќе сте го оформиле своето мислење со донесување на мерката притвор“,
рече адвокатот Шврговски.
Судијата Трпков не се согласи со неговите аргументи и рече дека определувањето притвор не е основа за изземање.
Но, како што налага законот за кривична постапка, тој даде пауза за да го проследи барањето до претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, кој треба да донесе одлука по барањето на адвокатот на Јакимовски.
Инаку, почетокот на новиот судски процес за незаконското прислушување вчера се одложи поради отсуството на Јакимовски бидејќи судот не доставил наредба до полициската станица за негов спровод од Охрид каде што издржува мерка куќен притвор.
На денешното рочиште се присутни ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и останатите обвинети, освен Горан Грујевски и Никола Бошковски кои се во бегство.
Во судницата се присутни и „свиркачите“ Ѕвонко Костовски и Ѓорги Лазаревски во својство на сведоци. Присутна е и началничка од Агенцијата за национална безбедност како оштетена во случајот.
Инаку, застапници на обвинителниот акт се обвинителите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Трајче Пеливанов, и Артан Ајро, кој е на местото на обвинителката Ленче Ристоска, која заедно со Пеливанов го застапуваа предметот во првото судење пред Основниот кривичен суд Скопје. Ристоска во моментот е на породилно отсуство поради што на нејзино место е нејзиниот колега Артан Ајро.
Судењето за случајот „Таргет-Тврдина“ се врати од почеток откако на 16 декември минатата година Апелацискиот суд Скопје соопшти дека ја укинува првостепената пресуда, со која поранешниот директор на Управата за безбедноста контраразузнавање Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затворска казна.
Одлуката на Апелација предизвика бура реакции во јавноста поради што второстепениот суд во неколку наврати преку пишани соопштенија се произнесуваше во врска со одлуката што ја донел.
„Таргет-Тврдина“ е главен предмет од аферата за масовното нелегално прислушување, а со првостепената пресуда од февруари 2021 година, покрај Мијалков, на затворска казна од четири години беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Највисоки казни од по 15 години затвор добија двајцата избегани контраразузнавачи од т.н. Петта управа на тогашната УБК, Никола Бошковски и Горан Грујовски.
Во случајот беа обвинети вкупно 11 лица. Според првостепената пресуда што Апелација ја укина, тие беа осудени на вкупно 55 години затвор и 10 години условен затвор.