„Мислам дека многу конспирационо размислува, не ми се допаѓаат тие параноидни идеи, ние се знаеме девет години и мислам дека не му прилега тоа. Јас знам дека останав конзистентен во политиката. Влегов за да донесеме промени во албанскиот блок и тоа се случи, додека Села седна во скутот на Ахмети, за жал“, вели Таравари

Арбен Таравари, претседателот на крилото на Алијанса за Албанците, вели дека останал конзистентен во политиката во која влегол за да донесе промени во албанскиот блок.
Ваквата изјава на Таравари доаѓа откако вчера неговиот партиски противник од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во телевизиско гостување рече дека Таравари работел под директива на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, како и под директива на други политички актери кои сакаат да ја гледаат слаба Алијанса за Албанците за да придобијат од членството и од гласачите за сами да станат политички партии.
Според Таравари, изјавата што ја дал Села, со кого се познаваат девет години, не му прилега.
„Мислам дека многу конспирационо размислува, не ми се допаѓаат тие параноидни идеи, ние се знаеме девет години и мислам дека не му прилега тоа. Јас знам дека останав конзистентен во политиката. Влегов за да донесеме промени во албанскиот блок и тоа се случи, додека Села седна во скутот на Ахмети, за жал“,
рече Таравари денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Зијадин Села во синоќешното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5 зборуваше за тоа како Арбен Таравари станал министер за здравство, градоначалник на Општина Гостивар и претседател на Алијанса за Албанците.
„Секоја политичка организација има свои симболики внатре и се знае кои се, кој ја има формирано заедно со членството. Има индивидуи внатре во партијата кои за цело време, откако сме на политичката сцена, само придобивале од партијата. Еден од тие експоненти е Арбен Таравари. Кога почнавме, го назначивме за министер, па потоа го направивме градоначалник. Требаше да направам политички потези од тоа време со цел партијата да порасне, да добиваме повеќе општини“,
рече Села.
Тој рече дека кога ја направил коалицијата бил многу свесен дека ја ризикува својата позиција и како претседател на партија не требало да размислува за него туку за тоа како партијата да стане голема.
„Во одреден момент јас дадов оставка од партијата и направивме конгрес на кој беше избран Таравари како претседател. Мојата оставка беше како резултат на локалните избори во Тетово во 2022 година кои беа предвремени и беа само за советничка листа“,
додаде Села.
Според него, од денешен аспект се гледа дека имало внатрепартиски пуч и уште тогаш се работело за Алијанса за Албанците да дојде на ова дереџе на кое е дојдена денеска.
„Е сега, кој е претседател на партијата. Како последица на овие збиднувања и на изјавите на сегашниот премиер кој три недели пред збиднувања во партијата тој јавно изјави на националната телевизија дека Алијансата за Албанците ќе се подели на две групи“,
рече Села.
Тој додаде „по сè изгледа Таравари работел под директива на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и под директива на други политички актери кои сакаат да ја гледаат слаба Алијанса за Албанците за да придобијат од членството и од гласачите за да сами станат политички партии“.
На прашањето до каде е правната битка за печатите на партијата и кога ќе се знае кој е претседател на Алијанса за Албанците, Села рече оти правната битка требало да заврши одамна.
„Судскиот и правниот систем кај нас е тој што е. Во Основниот суд во Тетово ние го добивме правото за јас да ја претставувам партијата и сега чекаме да се реши во Апелација. Имаше и конгрес и се потврди, а Таравари може да оспорува, но највисок орган во една партија е Конгресот, не е ниту претседателот ниту другите органи. Се знае каде е членството на партијата, тоа е докажано со потписи и пред судовите, имаат потписи од над две третини од делегатите што го разрешија Таравари и не гледам зошто треба да се реши во Аплеција, треба да се решат според тоа што го рекле делегатите на конгресот“,
додаде Села.