Досегашниот претседател на партијата, Зијадин Села, кој си поднесе оставка по лошите резултати на предвремените избори за советници во Општина Тетово, пред почетокот на партиското Централното собрание, изјави дека неговото повлекување од лидерската позиција во партијата не значи и повлекување од политиката
Новиот в.д претседател на Алијанса за Албанците Арбен Таравари денеска по Централното собрание на партијата изјави дека е донесена одлука на 17 декември оваа година да се одржи вонреден конгрес на партијата.
„Денеска имавме второ собрание на Алијанса за Албанците, каде што се констатираше неотповикливата оставка на Зијадин Села. Повеќето членови на конгресот ми дадоа поддршка на Централното собрание. Донесовме долука на 17 декември оваа година да се одржи вонредниот конгрес на партијата“,
рече Таравари.
Тој се надева дека Алијанса за Албанците ќе продолжи да биде надеж за повеќето Албанци во државата, за да ги донесат промените во албанскиот блок.
На прашање дали ќе се кандидира за претседател на партијата, Таравари одговори дека се уште не донел дефинитивна одлука, а сега ќе биде само вршител на должноста. Тој посочи оти кандидатури можат да поднесат сите заинтересирани членови на партијата, две недели до одржување на вонредниот конгрес.
Таравари е избран за в.д. претседател на Алијансата за Албанците на денешното Централно собрание на партијата што се одржува во Скопје.
Досегашниот претседател на партијата, Зијадин Села, кој си поднесе оставка по лошите резултати на предвремените избори за советници во Општина Тетово, пред почетокот на партиското Централното собрание, изјави дека неговото повлекување од лидерската позиција во партијата не значи и повлекување од политиката.
„Би било неблагодарно од моја страна да се повлечам од политиката имајќи предвид дека имам поддржувачи кои стојат зад мене и зад партијата. Јас ќе бидам внатре во политиката, активен во политиката и ќе бидам таму каде што структурата на АА ќе побара, таму каде што и новиот претседател на АА ќе побара да сум“,
рече Села.