Министерот за економија Абдулрахман Хабиб објави дека на жените вработени во невладиниот сектор им е забрането да работат до понатамошно известување. Според него, тоа е бидејќи некои жени не се придржувале до толкувањето на талибанците за исламскиот кодекс на облекување
Авганистанската администрација под контрола на талибанците денеска им нареди на сите локални и странски невладини организации (НВО) да им забранат на жените вработени кај нив да доаѓаат на работа.
Министерот за економија Абдулрахман Хабиб објави дека на жените вработени во невладиниот сектор им е забрането да работат до понатамошно известување. Според него, тоа е бидејќи некои жени не се придржувале до толкувањето на талибанците за исламскиот кодекс на облекување. Не е прецизирано дали тоа важи и за организациите на ОН кои имаат големо присуство во Авганистан.
Оваа одлука е објавена неколку дена откако раководството на талибанците им нареди на универзитетите да не примаат жени да студираат. Со писмо, чија автентичност ја потврдил портпаролот на Министерството за високо образование, на авганистанските државни и приватни универзитети им е наредено веднаш да го прекинат пристапот на студентките, во согласност со одлуката на владата.
Одлуката како што се наведува е објавена по состанокот на талибанската влада.
Најновото ограничување на образованието на жените од страна на талибанските валсти кои управуваат со Авганистан најверојатно, како што пишуваат странските медиуми, ќе предизвика загриженост кај меѓународната заедница, која официјално не ја признава талибанската администрација.
Соединетите Американски Држави и Обединетите нации (ОН) остро реагираа на одлуката на талибанските власти со која на жените во Авганистан им се забранува да студираат во универзитетите во земјата.
За одлуката на талибанците реагираше и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш кој, како што се вели од неговиот кабинет, одлуката ја примил со длабока загриженост.
Последната одлука претставува дополнителен удар врз правата на девојките и жените под талибанска власт во Авганистан.
Во ноември, годинава властите им забранија на жените да влегуваат во парковите во главниот град Кабул, тврдејќи дека таму не се почитува исламскиот закон.
Како што објави Радио Слободна Европа во октомври, Талибанците им наредиле на професорите мажи и средношколците во јужната провинција Кандахар да потпишат писмено ветување дека ќе се придржуваат до екстремистичкото толкување на исламскиот шеријат на милитантната група.
Ова вклучува почитување на строгиот кодекс на облекување на Талибанците за мажи – пуштање брада, носење турбан или исламска капа и носење пирхан тумбан, традиционална широка кошула и панталони вообичаени во руралните делови на Авганистан.