Вршителот на должноста министер за високо образование, Нида Мохамад Надим, во своите први коментари за ова прашање изјави дека неколку фактори ја поттикнале одлуката, вклучително и тоа дека дел од студентките не носеле соодветна исламска облека и дека се одвивала интеракција меѓу студенти од различен пол
Универзитетите во земјата се забранети за жени оти тие не го почитуваат кодексот на облекување, соопштија талибанските власти по бурата реакции од меѓународната заедница по донесувањето на оваа одлука, јави Ројтерс.
Вршителот на должноста министер за високо образование, Нида Мохамад Надим, во своите први коментари за ова прашање изјави дека неколку фактори ја поттикнале одлуката, вклучително и тоа дека дел од студентките не носеле соодветна исламска облека и дека се одвивала интеракција меѓу студенти од различен пол.
„Тие не го почитуваа хиџабот (исламскиот женски кодекс на облекување), тие доаѓаа со облеката што главно ја носат жените кога одат на свадба“,
рече тој.
Министерот во своето интервју рекол и дека талибанците го замолиле светот да не се меша во нивните работи.
Тој, исто така, рекол дека некои научни предмети не се соодветни за жени, како на пример инженерството, земјоделството зашто не одговарале на достоинството и честа на студентките, како и на авганистанската култура. Додал дека веронауката останува отворена опција за студентките.
На 20 декември, талибанските власти одлучија да им забранат на жените да одат на универзитетите во приватните и државните универзитети во земјата, се до понатамошно известување во однос на ова прашање. Овој потег предизвика силна осуда од меѓународната заедница, но и од некои Авганистанци, што предизвика протести во авганистанските градови.
Во главниот град, околу 50, главно женски демонстранти се собраа пред Универзитетот во Кабул, додека држеа транспаренти и извикуваа:
„Образованието е наше право, универзитетите треба да се отворат“.
Претходниот ден протестираа и студентите на Универзитетот Нангахар во источен Авганистан.
Големите протести станаа ретки во Авганистан откако талибанците ја презедоа земјата.
Талибанците, кои се вратија на власт во август 2021 година, ветија дека ќе бидат пофлексибилни, но во голема мера се вратија на строгото толкување на исламот што го одбележа првиот период од нивното владеење од 1996 до 2001 година.