По пресудата од Кривичниот суд за случајот „Транспортер“, за кој доби затворска казна од осум години, ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, се огласи на својот профил на Фејсбук. Се жали дека е жртва на политички прогон и дека судскиот процес е монтиран, па најави жалби на повисоките судови, најпрво пред Апелацискиот суд во Скопје, а ако треба вели дека ќе се жали и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Јас овој ‘трас-трас’ суд не го признавам. Апсурдот е и во тоа што јас сум осуден на осум години затворска казна за начинот на организирање на превозот на ученици, а таквиот начин на организирање на превозот од страна на сегашната власт на СДСМ е преземен од нас и е внесен во Закон за измени на законот за превоз во сообраќајот во членот 22 б и сега е законска обврска за сите општини. Дали тоа значи дека и Владата и сите општини денеска, вклучувајќи ја и општина Битола, прават криминал? Со незаконски изречените казни судот ја уништи вистината, а судскиот систем кој насилнички функционира и во време на вонредна состојба во државата е директна алатка на власта во функција што подолго истата да остане на власт и ригорозно да се пресмета со своите политички противници и лично да им наштети.“,
напиша Талески на Фејсбук.
Ексградоначалникот тврди дека организацијата на школскиот превоз во Битола била законска, и го обвини поранешно СЈО кое го отвори предметот дека координирано работело со судот, со цел, како што вели, негов политички линч. Истовремено прстот го впери и во актуелната локална власт и ја обвини за криминал.
„Финансиската штета со која оперира судот не постои. Таа е лажна. Бројките се земени од нецелосниот, нестручен и погрешен Вешт наод кој што е изработен по нарачка на СЈО. Вештиот наод, намерно или случајно е погрешен, контрадикторен и со погрешен метод на проценка . Критериумот со кој оперира општината е ‘цена по ученик’, а критериумот применет во вештиот наод е ‘цена по авто ден’, со што се добиени погрешни заклучоци. Иако укажувавме на ова во текот на постапката, сепак тоа до крајот не се коригира и пресудата се базираше врз сите погрешни податоци во вештиот наод“,
порача Талески.
Инаку, Талески доби првостепена пресуда од осум години затвор пред три дена, за злоупотреба на службената положба со организирање на превозот за ученици во Битола. Во предметот беа прогласени за виновни уште 20 лица. Половина од нив добија условни, а половина затворски казни.
Поврзана вест:
„Транспортер“: Владимир Талески осуден на осум години затвор