Карлсон промовираше теории на заговор и користеше радикална реторика во своето шоу. Тој ги подгреа сомнежите за легитимноста на претседателските избори во 2020 година, промовираше теории на заговор за вакцините против ковид-19 и ширеше реторика за надмоќ на белата раса
„Фокс њуз“ и Такер Карлсон, екстремниот десничар кој на оваа телевизија во ударен термин водеше емисија која беше многу гледана, ја прекинаа соработката, објави телевизијата.
Непосредно пред соопштението за медиумите, „Фокс“ го промовираше вечерашното интервју на Карлсон со републиканскиот претседателски кандидат Вивек Рамасвами. Карлсон го заврши своето последно шоу во петокот со зборовите „ќе се вратиме во понеделник“, навестувајќи неочекуван крај на соработката.
„Фокс њуз“ објави дека последното шоу на Карлсон се емитувало во петокот, на 21 април.
Карлсон промовираше теории на заговор и користеше радикална реторика во своето шоу. Тој ги подгреа сомнежите за легитимноста на претседателските избори во 2020 година, промовираше теории на заговор за вакцините против ковид-19 и ширеше реторика за надмоќ на белата раса.
Пред една недела, „Фокс њуз“ ја реши тужбата за клевета со „Доминион воутинг системс“ и се согласи да плати 787,5 милиони долари отштета за ширење лаги за кражба на изборите во САД.
„Доминион воутинг системс“ ја тужеше телевизијата за нарушување на угледот бидејќи ширела наводи за машините за гласање на компанијата за кои од „Фокс њуз“ знаеле оти се лажни. „Фокс њуз“ ваквите вести ги објавуваше откако поранешниот претседател Доналд Трамп во 2020 година ги изгуби изборите од Џо Бајден и тврдеше дека машините за гласање биле „наместени“.