Договорот дојде во последен момент и тој значи дека менаџментот и влијателните новинари од оваа телевизија се „спасија“ од судски процес во кој ќе требаше да сведочат за начинот на кој ги покриваа изборите во 2020 година
Американската медиумска куќа Фокс њуз постигна вонсудска спогодба со компанијата „Доминион воутинг системс“, која покрена тужба против телевизијата поради ширење лажни наводи дека нејзините машини за гласање „префрлале“ гласови за Доналд Трамп на контото на неговиот противкандидат Џо Бајден на претседателските избори во САД во 2020 година.
Веста ја објавија адвокатите на американската компанија наведувајќи дека спогодбата изнесува 787,5 милиони долари.
„Вистината е важна, а лагите имаат последици“
рекоа адвокатите.
Од Фокс њуз, пак, објавија писмена изјава.
„Задоволни сме што најдовме решение за нашиот спор со ’Доминион воутинг системс‘. Ги признаваме одлуките на судот според кои одредени тврдења за ’Доминион‘ се лажни. Оваа спогодба ја одразува континуираната посветеност на Фокс на највисоките новонарски стандарди. Се надеваме дека нашата одлука да го решиме овој спор по мирен пат наместо преку судски процес, ѝ овозможува на нацијата да продолжи напред“,
гласи изјавата од Фокс њуз.
„Доминион воутинг системс“ ја тужеше телевизијата за нарушување на угледот бидејќи ширела наводи за машините за гласање на компанијата за кои од Фокс њуз знаеле оти се лажни. Фокс њуз ваквите вести ги објавуваше откако поранешниот претседател Доналд Трамп во 2020 година ги изгуби избори од Џо Бајден и тврдеше дека машините за гласање биле „наместени“.
„Доминион“ во тужбата наведуваше дека Фокс њуз му помогнале во ширењето на неоснованите обвинувања.
Спогодбата беше постигната денеска откако започна судско рочиште на кое поротата даде заклетва и се очекуваше да почнат воведните зборови на странките. Меѓутоа, набргу по заклетвата од поротниците, рочиштето беше прекинато на неколку часа, по што судијата се врати во судница и ја распушти поротата соопштувајќи дека странките го решиле случајот.
Договорот дојде во последен момент и тој значи дека менаџментот и влијателните новинари од оваа телевизија се „спасија“ од судски процес во кој ќе требаше да сведочат за начинот на кој ги покриваа изборите во 2020 година.
„Доминион воутинг системс“ не е единствената која ја тужи телевизијата. Тужба има и од компанијата „Смартматик“ која исто така беше оцрнувана во известувањата за гласањето, но за овој случај, јавуваат американските медиуми, не се очекува судење во скоро време.