Светската здравствена организација не очекува масовната вакцинација против ковид-19 до средината на следната година, изјави денеска портпаролката д-р Маргарет Харис нагласувајќи дека пред да се случи тоа вакцината мора да помине ригорозни проверки за ефикасност и безбедност.

„Навистина не очекуваме да се случи масовна вакцинација до средината на следната година. Оваа трета фаза мора да трае подолго бидејќи треба да видиме колку вакцината навистина нуди заштита и, исто така, треба да видиме колку е безбедна“,
додаде таа.
Ова се однесува на фазата во истражувањето на вакцините кога се спроведуваат големи клинички испитувања на луѓе.
„Ниту една од потенцијалните вакцини кои се во напредна фаза на клинички испитувања досега не покажала ‘јасен сигнал’ за ефикасност од најмалку 50 отсто, како што бара СЗО“,
изјави денеска Харис на брифингот на ООН во Женева.
Русија во август одобри вакцина против ковид-19 по помалку од два месеца тестирање на луѓе, поради што некои западни експерти изразија сомневање во нејзината безбедност и ефикасност.
Американските претставници за јавно здравје и компанијата „Фајзер инк“ соопштија вчера дека вакцината може да биде подготвена за дистрибуција кон крајот на октомври
Тоа би било непосредно пред изборите во САД на 3 ноември на кои пандемијата веројатно ќе биде одлучувачки фактор кај гласачите, дали претседателот Доналд Трамп ќе добие втор мандат.
Но, Харис денеска не се осврна на ниту една конкретна потенцијална вакцина, туку рече дека сите податоци од испитувањата мора да бидат споделени и споредени.
„Многу луѓе се вакцинирани и она што не знаеме е дали вакцината функционира… во оваа фаза немаме јасен сигнал дали има или не ниво на исплатлива ефикасност и безбедност“,
додаде таа.
Глобалниот план за распределба на вакцините познат како КОВАКС, има за цел да помогне при правилно купување и дистрибуција на вакцините. Според овој план, фокусот на првото вакцинирање е на најризичните групи во секоја земја, како што се здравствените работници.
КОВАКС има за цел да набави и испорача 2 милијарди дози одобрени вакцини до крајот на 2021 година, но некои земји кои обезбедија сопствени резерви преку билатерални зделки, вклучително и САД, соопштија дека нема да се приклучат.
„Во суштина, вратата останува отворена. Целта на КОВАКС е да осигураме дека сите на планетата ќе имаат пристап до вакцините“,
рече Харис.